Гласни и организирани, наместо пасивни средношколци што ќе одлучуват само за екскурзии и матурски

Средното образование во Македонија е регулирано според закони донесени во 1995 година, изменети или дополнувани 40-ина пати. Во ниту еден од амандман не е воведено задолжително средношколско организирање. Нема еден унифициран модел на здружување на учениците. Нивниот глас единствено важи за училишни униформи, локација за екскуризии, матурски прослави, прослави на празници. Толку. Немаат моќ на одлучување. Главно се пасивни и консултирани само за банални прашања. Со тоа, изоставена е суштината – учениците не се креатори на наставните програми, т.е. не се дел од повисоки политики во управувањето на образовните установи. 

Сето ова бара да се смени од Иницијативата на Коалицијата на младински организации СЕГА, Младинскиот образовен форум (МОФ) и Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Иницијатива во изматиов период од 2015 правеше повеќе консултации, собираше искуства од регионот и европските земји, но и предлози од ученици и наставници за измени и дополнувања на Законот за средно образование. На крајот, да се најде соодветен модел, а самоорганизирањето на учениците крене на повисоко ниво.

Организациите силно се убедени дека учениците треба да учествуваат во органите и телата на училиштето, особено во Училишниот Одбор, Советот на родители, Наставничкиот Совет.

„Законското регулирање треба да овозможи учеството на учениците реално да се случува, наспроти фиктивно т.е. декоративно практикување на учеството. Законското решение од една страна треба да ги позиционира учениците централно во процесите на донесување одлуки како активни чинители, а истовремено кај раководниот кадар на училиштата, родителите и другите локални институции да создаде прво обврска, а понатаму и свест за делување во насока на најдобар интерес на младите луѓе“, вели Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата СЕГА.

Извршната директорка на МОФ, Дона Костуранова потенцира дека, за прв пат, законот би гарантирал дека во секое училиште ќе има ученички парламент. Во парламентот ќе бидат претставени сите паралелки и дека професорите и училиштето ќе им дадат поддршка. Уште позначајно, конечно учениците ќе можат, како што тоа го прават нивните родители сега, да седат во органите на управување.

„Практично, ова значи дека ако досега учениците беа прашувани најчесто и единствено за каде сакаат да одат на екскурзија, со ова ќе можат да ги кажат своите мислења за се во училиштето – начинот на уредување на училишниот простор, слободните и воннаставните активности, учество на спортски и ученички натпревари и други работи“, вели Костуранова.

Според предложените измени, училишниот одборот би бил составен од 14 члена – четири претставници од наставниците, три од родители-старатели, три претставнити од основачот, по еден од министерството и деловната заедница,  но и двајца ученици.

Во работата на ученичкиот парламент и во комисиите се предвидува и активно учество на наставниците, за да се создаде систем на нивна соработка и доверба  со средношколците.

„За разлика од Студентските парламенти, каде системот е елитистички и ограничувачки кон студентите кои не се дел од парламентот, во училшните парламенти сите ученици ќе имаат еднакво право да се кандираат и да бидат изгласани од своите соученици. Овој предлог е различен од моменталните студентските парламенти затоа што дава еднаквост на сите ученици во формирањето и раководењето на овие тела и ги заштитува од злоупотреба“, објаснува Костуранова.

Меѓу другото, во анализата на Нацрт-Законот стои дека досега отсуствува концептот кој е предвиден во Конвенцијата за правата на детето. Право на слободно изразување на мислење и право на здружување и мирно собирање, односно права кои претставуваат основа на едно граѓанско општество.

Пример, прекршувањето на Конвенцијата беше споменувана кога средношколци од „Јосип Броз Тито“ беа заклучени и спречени да одат на протестниот марш „Стоп за лошите реформи“ на Средношколски пленум. Пленумците реагираа и за професори што им се заканувале на ученици.

Понатамошната анализа упатува заклучокот дека Националниот план 2006-2015 година, останал на ниво на декларативен карактер со очигледно отсуство на легислативна интервенција во однос на можноста за организирање на учениците во ученички заедници на училишно, локално и национално ниво.

Слабостите кои произлегуваат од отсуството на законска основа можат да се согледаат и во теренските истражувања. Особено загрижува податокот добиен во истражувањето спроведено од МОФ и Реактор во 2010 година на тема: „Капитулација, конфузија, отпор – Специјалниот капитал на македонските средношкоци“.

Таму нотирано е дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали воопшто постои среднoшколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на претставник во средношколска унија.

Исто така, во Законот за средното образование, не постојат облици на организирање за активности вон часовите. Во училиштата на неформален начин и сега функционираат разни видови на клубови.

„Работата на ученичките клубови е насочена кон зголемување на активноста на учениците во различни сфери кои се од нивен интерес. Ова право на организирање на учениците во ученички клубови не треба да се смета за учество на учениците и нивно организирање за претставување, туку истото може да биде само во насока на унапредување на статусот на ученикот и можност за зголемена општествена активност“, анализира иницијативата.

Бојан Шашевски