Гитаристот Фред Фрит на концерт во Македонската филхармонија

Во малата сала на Македонската филхармонија во среда (21 февруари) од 20 часот ќе се одржи концерт на легендарниот гитарист Фред Фрит. Музичарот недостасуваше во сите изминати години на „Скопскиот џез фестивал“, бидејќи никогаш не беше слободен во октомври – поради обврските што ги има како професор на Милс колеџот во Оукленд, Калифорнија.

Организаторот „Скопски џез фестивал“ потенцира дека се работи за култен иноватор, гитарист, композитор и импровизатор.

„Англичанецот кој три децении ја водеше легендарната група Henry Cow, во доцните седумдесетти години на минатиот век се сели во Америка и почнува да соработува со познати њујоршки експериментални музичари. По издавањето на влијателниот албум “Guitar Solos” во 1974 година, Фрит обезбедува многу влијателно место на имровизаторската сцена во светот, не само како признат соло изведувач туку и во друштво на музичари како Бил Ласвел, Брајан Ино, Дерек Бејли, Хан Бенинк, Крис Катлер, Лол Коксил, Роберт Вајат, Том Кора, Зина Паркинс, Резидентс, Икуе Мори, Џон Зорн (со Зорн беше дел од групата Naked City) и други“, велат од „Скопски џез фестивал“.

Исто така, Фред Фрит неуморно работеше со поголем број состави, како Skeleton Crew, Massacre, Keep the Dog, Art Bears, Guitar Quartet, Eye to Ear, Cosa Brava. Неговото име се среќава на повеќе од 400 дискографски изданија.

„Конечно, Фред Фрит ќе го видиме во Скопје“, соопштува „Скопски џез фестивал“.