Гимназијалците од „Раде Јовчевски Корчагин“ вечерва ќе настапат во МОБ

На сцената на Македонската опера и балет вечерва до почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Шантрава азбука“, трет од серијалот мјузикли на скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ под менторство на професорките Татјана Алексиќ и Елизабета Николоска Дадиќ.

„Шантрава азбука“ е инспирирана од култната „Бушава азбука“, главни актери се 31 разиграна буква и 24 стилски фигури, а музичкиот спектакл е збогатен со специјална театарска костимографија и сценографија.

„ …Доста веќе со вербални препукувања! Пуштете вода врз кавгите, да се исплакнеме од вулгарности, да се избистриме од поганштини, да се исплакнеме и блеснеме во чисти фигури! СИМБОЛОТ е присутен и кога е отсутен, зборува и кога молчи, а не е оксиморон. Симболот е гласна тишина, сплотува луѓе кои немаат заеднички јазик за комуникација. Симболи колку и јазици низ светот, а човек кој знае стилски да користи симболика, знае и разбира сè. Симболот сплотува, тој е јазичен Орфеј и ако нема меѓусебна почит на буквите и стилските фигури, нема ни јазик, ниту говор, ни светлина, ниту иднина во НЕБИДНИНА…“ – пишува професорката Алексиќ во текстот посветен на претставата.

Билетите за оваа претстава се продаваат на билетарницата на МОБ по симболична цена од 100 денари, а собраните средства ќе бидат донирани за помош на настраданите семејства од поплавите кои ја зафатија Македонија.