Герила акција во Аеродром: Срушен „Гинисовиот рекорд“ во изградба на улица

Одолговлекување на изградбата на улицата „Руди Чајевац“ во Аеродром, во близина на амбулантата „Јане Сандански“, беше повод за нова урбана, герила акција на активистите. Тие, преку поставување знак со сатирична содржина, известија дека Општината Аеродром влезе во Гинисовата книга на рекорди.

„По неуспешните обиди за најголемо оро на светот и најголемо тенџере со грав Општина Аеродром го обели образот на Македонија. Комитетот на Гинис за поставување светски рекорди, на седницата одржана на 23 мај 2016, ја усвои молбата/барањето на Општина Аеродром за заведување на нов светски рекорд во одолговлекување на изградба на улица.

Под референтен број ref. No/ Guiniis/records007864039567897/sk/mkd  комитетот на Гинис потврдува дека улицата „Руди Чаевец“ (по ново „Методиј Шаторов Шарло“) во скопската населба Аеродром, во градот Скопје, во државата Македонија, започната уште далечната 2014 година, не е ни близу до завршување. Со тоа што оваа улица е уште недовршена, за цели 2 месеци го надминала рекордот кој досега го држеше улицата Мсрн Алам од општината Хакм Бага во истоимениот град од Бијафра, која била градена во периодот помеѓу двете светски војни. Свечената церемонија во присуство на претставници на Гинис ќе се одржи на крстосницата на „Р. Чаевец“ со „К. Новаковиќ“ на 32 мај, 2016 година, со почеток во 19 часот. На церемонијата покрај градоначалниците на Аеродром и Скопје свое учество најавија Барак Обама, Папата Бенедикт, Вселенскиот патријарх, Ајтолахот Хомеини, Ники Лауда и Наташа од трето три“, стои на знакот поставен во Стар Аеродром.