[Галерија] Скопје во црвено и бело за финалето на Супер купот

Скопје вчера беше обоено во бело и црвено – навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед стигнаа во големи броеви во градот-домаќин на финалето на Супер купот.

На улиците беше изваден сиот „арсенал“ – со шалови и слики со амблемите на фудбалските клубови, дресови, свирчиња, но и ладно пиво, скопјани се обидоа да ги забавуваат, но и да заработат од туристите на разни начини.

На кејот на Вардар, се чини тематски, секој ресторан и клуб имаше изберено боја. Во Ирскиот паб, Британци пејат „Glory, glory Man United“ и се слуша музиката на Oasis. Пиво се точи во големи количини, а гостите освен својот потврден Гинис, пробуваат и локално пиво.

Неколку метри подолу, во Каса Кубана, оптегнато е големо знаме на Реал Мадрид. Шпанците пак, таму се чувствуваат како дома, а се собираат како да се договориле за зборно место.

Малку подалеку од Камениот Мост, пак, дечиња и возрасни шутираа топки, со надеж дека ќе добијат некаква награда, но и за да се забавуваат. Плоштадот беше преплавен и од луѓе во неонски елеци – волонтери, чија задача е споредната програма да тече беспрекорно, да биде забавно и безбедно.

Прошетавме низ плоштадот Македонија, каде освен фан пит и сцена со забавна програма, имаше и голем број Англичани, Шпанци и други навивачи, најчесто од соседните земји.

Меѓу нив ги најдовме и Мајкл и Лоренс од Манчестер, кои ни раскажаа дека не пропуштиле ниту една домашна игра, но ни големо финале на Јунајтед.

„Стигнавме денес и од она малку што го видовме досега, градот е фантастичен. Времето е прекрасно. Сите претпоставуваат дека ни е прежешко, но ние сме многу среќни на сонце. Сепак сме од Манчестер, не сме виделе друго освен дожд. Ние се подготвивме, имаме многу лосион за сончање и ладно пиво. И македонското е вкусно, а и многу евтино“, раскажуваат долгогодишните поддржувачи на „Црвените ѓаволи“, веќе во своите шеесетти.

„Слетавме во Софија и освен што сообраќајот беше доста закочен, немаме никакви поплаки. Аеродромот беше „поплавен“ и доста чекавме, но задоволството да навиваме за нашиот тим е поголемо. Резервираме прилично рано, уште пред да добиеме карти, па го избегнавме големиот раст на цените“, додаваат.

Ни рекоа и дека им се допаѓа програмата преку ден и дека слушнале за фестивалот на пиво на Кале.

„Но, ние имаме повеќе од 60 години, штом за нас е добро, за младите сигурно е одлично, со оглед на музиката која во моментов се слуша“, заклучуваат.

Ги сретнавме и Емануела и Хоакин Родриго, пар од Мадрид кој вчера слетал во Скопје.

„Засега атмосферата многу ни се допаѓа. Забавно е и убаво е да се видат навивачи од секаде. Ние сме од Мадрид, па нема потреба да кажуваме за кого навиваме. Немавме никакви проблеми при патувањето, а и сместувањето е убаво“, велат тие.

Збунувачки беше да се распознае кој дошол да навива за својот омилен тим од странство, а кој од домашните поддржувачи одлучил гордо да го носи дресот кој го поседува. Така, ги сретнавме и Трајче и Деан во своите дресови на Манчестер, и отпрвин им прозборевме на англиски. Сепак, после кратката конфузија, дознавме дека се Македонци кои шетаат наоколу за да ја почувствуваат еуфоријата со другите навивачи.

„Карти не добивме преку лотаријата, ама некако успеавме да најдеме. Супер е и програмата настрана, има еуфорија, па досега сè е супер. Уште да победи Манчестер Јунајтед, и ќе бидеме среќни“, велат тие.

Од соседството, од Бугарија, пристигнале Деан и Марина, татко и ќерка супер-фанови на Реал. Ги сретнавме на тезга, додека купуваа слика на која со спреј е насликан амблемот на кралскиот клуб.

„Супер е во Скопје, забавно е бидејќи има и многу навивачи од сите страни на светот. Цело наше семејство додовме да навиваме за Реал Мадрид.

Дојдовме со автомобил, си најдовме мало, убаво хотелче. Но, цените за сместување се премногу високи. Не ни е прв пат во Македонија, па знаеме дека тоа не се реалните цени. Но, за Реал Мадрид сè даваме!“, признава бугарското семејство.

Додаваат и дека дошле да прошетаат и да видиме што има пред натпреварот. Тргнале да го видат Музејот на ВМРО, но бил затворен. Им било интересно крајбрежјето на Вардар, а особено ги пофалија рестораните, кои велат, имаат многу вкусна храна.

Мечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе се одржи вечерва, во 20:45 минути. Поради големиот наплив на луѓе и возила, ќе биде воведен посебен сообраќаен и режим за возила и пешаци за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот.

Од утринава, до завршувањето на натпреварот, на крстосниците на улиците “Аминта Трети“ (поранешна “Ленинова“)  и “Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот- УЕФА.

Властите велат и дека во зависност од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот „Илинден“  од Владата на РМ до крстосницата со улицата „Рузвелтова“.

С.Т.