[Галерија] Прво утро во кампот пред Влада: Остануваме додека не падне овој режим

„Првата вечер помина убаво, иако имаше бркотница по големиот митинг, па имаше и чистење, но беше потполно мирно и достоинствено. Оваа вечер очекувам да биде многу подобро, бидејќи ќе се организираме“, рече Ѓуро Кешкец, еден од граѓаните кои останаа синоќа да кампува пред Влада, по масовниот протест во Скопје.

Стотина граѓани од повеќе градови утрово го испија првото заедничко кафе на тревникот пред владината зграда, каде велат дека ќе останат се додека Груевски не поднесе оставка. Секој од нив дојде и преспа со она што го има на располагање.

„Ова ќе биде комуна на сите слободоумни луѓе и на сите невладини организации  – сплотени сме и имаме една цел: да се избориме за слобода и демократија, ништо друго. Да го симнеме овој диктаторски режим бидејќи навистина е многу опасен за државата и за народот“, вели Кешкец за Радио МОФ.

Зборувавме со жители на Велес, кои за да преспијат пред владиниот објект, си донеле шатори. Тие велат дека ќе се менуваат во групи на секои три дена, се додека не падне режимот, а тоа очекуваат да се случи за една недела.

Синоќа, лидерот на опозицијата Зоран Заев најави дека ќе преспие заедно со граѓаните пред Влада. Сепак, мислењата на присутните за тоа дали Заев преспал синоќа, беа поделени. Денеска тој ќе присуствува на средба во Клубот на пратеници со Груевски, Ахмети и Тачи, на која ќе се разговара за излез од политичката криза.

На вчерашниот масовен протест пред Владата излегоа десетици илјади граѓани кои побараа слобода, правда, но и оставка од сегашната владејачка гарнитура, односно формирање преодна Владна која ќе ги организира следните избори.

Протестот беше организиран од граѓански здруженија, невладини организации и опозициските политички партии, а граѓаните го искажаа својот револт од она што досега се случуваше и побараа промени.

Први говорници на големата бина пред Владата беа студентите, кои на македонски и албански јазик побараа демократска држава, еднакви можности и иднина за младите во Македонија. За денеска е предвидено претставници на разни организации повторно да држат говори на бината поставена пред Владата, а ќе има и музичка програма.

Во продолжение, погледнете ја галеријата од кампот пред Влада.