[Галерија] Протестот блокиран од полицијата кон ЕУ Инфо центар, „не“ за преговорите во Виена

Осмиот граѓански протест за оставка на Иванов заврши на булеварот „Климент Охридски“, каде граѓаните беа спречени од полицијата да одат пред ЕУ Инфо центарот за, како што велат, да кажат „не“ на преговорите во Виена.

Иако подолго време бараа полицијата да ги пушти да поминат, извикувајќи „Пуштете го народот“ и „Не за преговори“, слободното движење им беше попречено. Полицијата пред Театар „Комедија“ на почетокот беше малубројна, но за време на обидите на граѓаните да стигнат до ЕУ Инфо центарот, беа мобилизирани повеќе возила и полицајци. Кордонот беше накратко пробиен, но граѓаните кои протестираа мирно со кренати раце спречија да дојде до насилство.

Инаку, протестот и денес започна пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, од каде граѓаните се упатија кон Собрание. Кон Министерството за правда и денес беше фрлена боја. Од Собранието, неколкуте илјади граѓани се упатија кон Влада, за потоа да се обидат да го искажат својот револт за преговорите во Виена.

Освен во Скопје, вечерва протести се одржаа и во Битола, Прилеп, Куманово и Велес.