[Галерија] Кумановските средношколци го блокираа влезот на градот

Поголем број на кумановски средношколци, родители и наставници  денеска повторно излегоа да маршираат на улица против лошите образовни реформи. Тие се револтирани од игнорантскиот однос на Министерството за образование и наука и порачаа дека без добар образовен систем, нема ефикасно општество.

Позади главните пароли „Стоп за лошите реформи“ и „Сакаме подобро образование“, маршот започна од градскиот плоштад и притоа беше блокиран сообраќајот на влезот и излезот од градот 45 минути.

„Три недели веќе бојкотираме, а од ресорното министерствот воопшто немаме никаков контакт. Членови на Пленумот се сретнаа на неформална средба со претставници на Државниот инспекторат, но добија само совети за правната регулација“, велат за Радио МОФ од Средношколски пленум-Куманово.

Тие испратија видео до редакцијата на Радио МОФ од денешната атмосфера за време на маршот:

Како што информираат од Пленумот, средношколците веќе започнале да ги потпишуваат пријавите за матура, но велат дека нема да се откажат додека министерството не ги прифати нивните две барања, да се врати стариот концепт на државна матура и да се укине екстерното тестирање.

Тие вечерва, на генерален пленум ќе одлучат дали во Куманово има услови за создавање на средношколски фронт, каде средношколците би кампувале, или ќе се испрати група која ќе се придружи на кампот пред министерството во Скопје.

Средношколците во Скопје пак, денеска повторно ќе ја блокираат улицата пред министерството, каде заедно со родителите и наставниците ќе искажат револт кон надлежните за неприфаќање на нивните барања.