[Галерија] Активностите во автономните зони продолжуваат

Веќе седми ден како студентите ја окупираа зградата на Филозофски/Филолошкиот факултет, а шести ден по ред откако ја освоија и зградата на Машински и ФЕИТ. Тие се уште се одлучни дека нема да се откажат додека изгласаните измени во законот за високо образование, во кои е и државниот испит за универзитетите, не бидат целосно повлечени. Исто така, тие сакаат изготвување на нов закон каде ќе бидат вклучени и тие заедно со Професорскиот пленум.

Студентскиот фронт денеска се прошири и во Битола каде студентите денеска ја окупираа зградата на техничкиот факултет. Тие меѓудругото се револтирани што се донесени одредени измени во законот без нивно учество. Тие велат дека засега ги имаат сите потребни намирници.

Денеска и студентите на Педагошкиот факултет искажаа незадоволство за измените во законот преку бојкот на наставата. Како најзасегнати од измените на овој закон, велат дека ќе продолжат со бојкот, а можна е и окупација.

Студентски пленум соопшти дека во текот на денот, бојкот на настава се случи и на Факултетот за ликовна уметност, Шумарски факултет, Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Природно математички факултет, Земјоделски факултет и Архитектонски факултет.

На Факултетот за драмски уметности, по иницијатива на студентите, уште од почетокот на прогласување на Автономната зона на ФЗФ/ФЛФ, во знак на поддршка не се реализира настава.

На Правен факултет веќе два дена, се случуваат предавања како дел од алтернативниот курикулум кој го организираат студентите од Правен факултет.

Во меѓувреме, активностите продолжуваат да се одвиваат. Во аулата на Филозофски/Филолошкиот факултет се одржуваше акустичната свирка на Владимир Мартиновски, а за вечерва се планирани и часови по јога и проекција на филм.

На техничките факултети пак, продолжуваат со алтернативните предавања кои се повеќе ориентирани кон теми кои ги засегаат студентите од овие факултети, иако и овде е застапен уметничко-забавна програма.