ФРОНТ 21/42 побара стопирање на хидроенергетските проекти за спас на Маврово

Еколошкото здружение на граѓани ФРОНТ 21/42 бара да се стопираат постапките за сите хидроенергетски проекти, особено за четирите мали хидроелектрани за кои е издадена целосната документација за нивна изградба во Националниот парк Маврово.

Александра Бујаровска, од ова еколошко здружение, денеска изјави дека бараат целосна заштита на Маврово и финализирање на постапката за негово репрогласување за заштитено подрачје отпочната уште од 2010 година.

„За да биде ситуацијата полоша, на оваа територија планирани се и неколку хидроенергетски проекти како Бошков мост и хидроцентралата Црн камен со амумулацијата Луково поле, кои засега се суспендирани и нивните постапки за одобренија се стопирани, но од друга страна постапките за малите хидроенергетски проекти се уште течат“, истакна Бујаровска.

Станува збор за две хидроелектрани на Жировничка река, една на Јатовска река и една на Рибничка река за кои, како што посочи Бујаровска, има издадено концесија и имаат добиено одобрение за градба.

Според неа, ова е во спротивност со Конвенцијата од Берн која бара да се суспендираат сите проекти, особено хидронергетските, се додека не се направи севкупна анализа за кумулативното влијание на сите овие проекти врз паркот.

Здружението, денеска, преку банер испрати порака до носителите на одлуки за спас на националниот парк Маврово. Банерот, заедно со протесно писмо, ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија. 

Извор: МИА