Фридом Хаус: Владите на 30 држави плаќаат луѓе за тролање, манипулирање и ширење пропаганда на интернет

Владите низ светот драматично ги зголемуваат нивните напори да манипулираат со информациите на социјалните медиуми, заканувајќи се на интернетот како слободна технологија, се наведува во последниот извештај Слобода на интернетот 2017, кој годишно го објавува организацијата Фридом Хаус.

Онлајн манипулациите и тактиките на дезинформирање имале важна улога во изборите на најмалку 18 држави минатата година, помеѓу нив и во Соединетите Американски Држави, нанесувајќи штета на можноста граѓаните да одлучат за нивната власт врз основа на факти и автентична дебата.

Тактиките на дезинформирање придонеле за падот на слободата на интернет седма година по ред, како и зголеменото нарушување на услугите на мобилен интернет и зголемените физички и технички напади на независните медиуми и заштитниците на човекови права.

Помеѓу значајните работи кои ги истакнува Фридом Хаус е зголемената софистицираност на онлајн манипулациите, преку ботови и лажни вести. Организацијата тврди дека преку веродостојни извештаи утврдиле дека во 30 од 65 земји владите вработуваат или плаќаат луѓе кои манипулираат со онлајн дискусиите, без нагласување за природата на нивната работа, а истовремено се зголемил и бројот на автоматизирани профили на социјалните мрежи кои манипулираат со дискусиите на интернет.

„Користењето на платени коментатори и политички ботови за ширење на владина пропаганда започна во Кина и Русија, но сега стана глобално. Ефектите од овие техники, кои брзо се шират, можат потенцијално да бидат катастрофални по демократијата и граѓанскиот активизам“, објаснува Михаел Џ. Абрамовиц, претседателот на Фридом Хаус.

Споредба на државите според слободата на интернет од најслободните (лево) кон неслободните (десно)

„Владите сега ги употребуваат социјалните медиуми да го потиснат незадоволството и да ја придвижат анти-демократската агенда. Не само што овие манипулации се тешки за регистрирање, туку е многу тешко да се справиме со ваквиот тип на цензура, како блокирање на интернет-страници, бидејќи е распространето и бидејќи голем број луѓе и ботови работат на тоа“, вели Сања Кели, директорката на проектот Слобода на интернетот.

„Фабрикувањето на изворна поддршка за владини политики на социјалните медиуми создава затворен круг во кој режимот всушност се поддржува самиот себе, оставајќи ги независните групи и обичните граѓани на периферијата“, додава Кели.

Извештајот Слобода на интернетот 2017 ја проценува интернет слободата во 65 земји од светот, во кои се наоѓаат 87% од вкупниот број на интернет корисници на планетата. Публикацијата се задржува на настаните кои се случиле помеѓу јуни 2016 и мај 2017 година, иако во извештајот се вклучени и некои понови настани.

Ова се некои од останатите позначајни информации кои ги открива извештајот:

  • Трета година по ред, Кина е прогласена за држава која најмногу ја напаѓа слободата на интернет, додека зад неа се наоѓаат Сирија и Етиопија.
  • Слободата на интернет се намалила во 32 држави, додека подобрувања се забележани во само 13 земји од светот.
  • Рекорден број влади ги ограничиле мобилните интернет услуги поради политички или безбедносни причини, често на локации населени од етнички или религиозни малцинства.
  • Корисниците на популарните платформи за пренесување на видео во живо, како Фејсбук и Снепчет, се соочиле со рестрикции или напади на видео-стрим во најмалку 9 држави, најчесто за оневозможување на стримање антивладини протести.
  • 14 држави во моментов ги имаат забрането виртуалните приватни мрежи (VPNs) – алатките кои се користат за заобиколување на цензурата.
  • Драматично се зголемил бројот на физички напади кон онлајн новинари и интернет корисници. Бројот на земји кои имало физичка одмазда за онлајн-говор се зголемил за 50 проценти минатата година – од 20 на 30 држави. Во осум држави биле убиени лица поради нивно изразување на интернет. Во Јордан, карикатурист христијанин бил убиен за исмевање на исламската милитантска визија на рајот, додека во Мијанмар, новинар бил убиен откако на Фејсбук објавил текст со сомнение за корупција.

Според извештајот, од анализираните држави, само 16 се карактеризирани како „слободни“, 28 се „делумно слободни“, додека 21 земја е „неслободна“.

Естонија и Исланд остануваат двете држави со најголема слобода на интернетот