Фридом Хаус: Македонија делумно слободна и под посебно внимание за нејзиниот демократски правец

Македонија останува држава со делумна слобода во најновиот извештај за слободата во светот за 2018 година на Фридом Хаус, со забелешка дека случувањата во земјава оваа година треба да се следат.

Според вкупниот скор, Македонија се наоѓа на 113 место од вкупно 209 држави и територии во светот со рејтинг од 58 поени на скалата од 0 до 100. Во споредба со окружувањето, земјава има подобар скор единствено од Косово и Босна и Херцеговина, додека сите останати држави во регионот имаат повисоко ниво на слобода, според рангирањето на американската невладина организација. Оваа година уназаден е и рејтингот на Турција, која е сместена во категоријата „неслободни“ држави.

Во извештајот, Македонија е ставена во листата на земји кои „треба да се следат“, бидејќи се движат „кон некои значајни пресвртници во нивните демократски правци“ и заслужуваат „посебно внимание“ во текот на 2018 година.

„Демократски избраната, етнички инклузивната влада се залага за искоренување на корупцијата и другите системски злоупотреби кои се влошуваа под нивните претходници зафатени во скандали, а дури може да го разреши долгогодишниот „спор околу името“ со Грција кој стои на патот на државата кон членство во Европската Унија“, стои во делот посветен на Македонија.

Статусот на слободата во светот според извештајот на Фридом Хаус

Во извештајот Македонија се спомнува и во регионален контекст, помеѓу настаните кои, според Фридом Хаус, демонстрираат потреба од постојана вклученост во регионот на големите демократии:

„Во Македонија, посредувањето од Вашингтон и Брисел помогна да се реши повеќегодишната политичка криза, отворајќи пат за нова, демократски избрана влада. Но, во Србија, толеранцијата на ЕУ лидерите кон авторитарните тенденции на премиерот Александар Вучиќ му дозволија дополнително да ја исклучи опозицијата и да го поткопа она што остана од независните медиуми по победата на претседателските избори во земјата во Април“, се наведува во извештајот.

Извештајот на Фридом Хаус е насловен „демократијата во криза“ и во него се потенцира дека „политичките права и граѓанските слободи низ светот се уназадени до најниската точка во последната деценија, продолжувајќи со периодот карактеризиран од охрабрени автократи, проблематични демократии и повлекувањето на САД од улогата на лидер, во глобалната борба за човековите слободи“.

Според последниот извештај 88 држави во светот се карактеризирани како „слободни“, 58 се „делумно слободни“, додека 49 држави, во кои живеат 2,7 милијарди луѓе или 37 проценти од светската популација, се „неслободни“.

Финска, Норвешка и Шведска се наоѓаат на првите три места, со перфектен скоро 100, како најслободни земји на рангирањето, додека Јужен Судан, Тибет и Сирија се на последните три места – Сирија дури со негативен рејтинг од -1.

Земјите со најмалку слобода според Фридом Хаус

Како земји кои имаат позитивен тренд се издвоени Непал и Еквадор, додека Унгарија, Србија и Камбоџа се меѓу 8-те држави издвоени поради негативниот тренд.

Земјите кои според Фридом Хаус имаат позитивни и негативни трендови во поглед на слободата

„Веројатно најлошо од сè и најзагрижувачки за иднината е веројатноста младите луѓе, кои не ги паметат долгогодишните напори против фашизмот и комунизмот, да ја загубат вербата и интересот во демократскиот проект. Самата идеја на демократијата и нејзината промоција е нарушена кај многумина, што доведува до опасна апатија“, се наведува во извештајот.

Оваа година најголемо назадување на слободата има во Габон и Тунис, а најголем напредок Фридом Хаус регистрирал во Гамбија, која напреднала за огромни 21 поен на нивното бодување од 0 до 100.