Франгов: Во Гевгелија ниту се сече шума, ниту се гради рудник

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, ги демантира информациите за масовно исечена шума и користење динамит за отворање на рудник во околината на градот, по видеото кое денеска на социјалните мрежи го постираше групата „Спас за Гевгелија“.

„Овој хорор филм ниту е сниман, ниту ќе се снима во Гевгелија и на Кожуф планина. Ниту има исечена шума за отварање рудник, ниту дозвола за изградба на таков рудник, ниту отпочната процедура за добивање дозвола за експлоатација. На Кожуф планина има геолошки испитувања за можни наоѓалишта на злато, но ниту има готови резултати а уште помалку рудник од било каков тип“, посочи Франгов.

Тој истовремено потенцира дека за отворање рудник потребна е изработка на студија за влијание врз животната средина, на транспарентен начин, со јавни анкети во согласност со општината и Министерството за животна средина. Франгов на жителите на Гевгелија им порача да бидат спокојни бидејќи општината ќе остане еколошки чиста.

Ја разбирам загриженоста на граѓаните и ги подржувам и сигурно дека нема да дозволам прво јас како Иван Франгов и како градоначалник на општина Гевгелија и сите граѓани на општина Гевгелија и пошироко таква еколошка катастрофа во нашиот регион да се случи.
Ме загрижува само една работа, дали е случајно или намерно, тоа што оваа вест се појави во истиот ден кога отпочна еден голем стратешки проект за општина Гевгелија подржан од владата на РМ, ЕУ и Светска Банка, поточно изградбата на новиот водоснабдителен систем“, додава градоначалникот.