[Фото] Втор протестен марш за чист воздух во Битола

Под мотото „Марш за живот“ и „Битола сака да живее, Битола мора да живее“, денеска се одржа втор протестен марш против загадувањето на воздухот во Битола. Незадоволни од игнорантскиот однос на властите за решавање на овој проблем, граѓаните по вторпат излегоа на улиците. Маршот беше организиран од здружението на граѓани „За нас се работи“.

Зборно место беше пред споменикот Стив Наумов (Офицерски дом), од каде преку Широк Сокак, маршот го завршија пред зградата на локалната самоуправа.

Претставници на здружението „За нас се работи“ беа примени од страна на битолскиот градоначалник Владимир Талески, на кого му ги доставија нивните барања. Тие побараа поправка на постојната или поставување нова мерна станица во центарот на Битола, изработка на регистар на аерозагадувачи врз основа на резултатите од хемиската анализа на ПМ 10 честичките и постапување по нив, но и доведување во квалитетот на воздухот во рамките на нормалата.

Воедно, денеска започна со работа мобилната мерна станица која ја обезбеди здружението „За нас се работи“ и која во следните 14 денови ќе ја мери загаденоста на воздухот во централното градско подрачје.

Првиот марш здружението го организираше на четврти ноември, кога и тогаш побараа поставување на мерна станица во централното градско подрачје, детектирање и санкционирање на аеро загадувачите и подобрување на кавлитетот на воздухот.

Фото: Емилија Мисирлиевска