[Фото + видео] КСС и СОНК протестираа за повисоки плати и пристоен живот за работниците

„Фер е кога е фер за сите“, „Доста понижување на јавниот сектор“, „ДА за пристојна плата“, „ДА за пристоен живот“, „Нема реформи без работниците“… Ова се само дел од денешните транспаренти на „Илинденска“ пред Влада, каде се одржа протест на членови и поддржувачи на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).

Синдикалците побараа почитување на законите и правата на работниците. Исто така, покачување на платите во јавниот сектор, но и пристојна работа, без притисоци и мобинг.

Јаким Неделков од СОНК пред присутните рече е неприфатливо и неприменливо селективно зголемување на платите, согласно минимална плата. Реагираше дека најавеното покачување од 5% од октомври 2018 е само за неколку дејности.

Јаким Неделков на протестот пред Влада

„Сигурно културните работници не заслужуваат воопшто да не бидат споменати дека ќе им се зголеми платата. Сигурно научните работници не го заслужуваат тоа, а знаеме какви се платите. Сигурно вработените во институциите во високото образование, сите колеги во јавната администрација, агенции и јавни претпријатија не заслужуваат таков третман од државата, со такви социјални плати. Во јавноста излезе информација дека просечната плата е 23.356 денари. Ајде да прашам колку од нас тука имаат просечна плата, без стаж, без минат труд, без други додатоци? Не гледам! До таму ли дојдовме?! Дваесет проценти сме подолу, јавниот сектор веќе е социјална категорија. Доста е“, рече претседателот на СОНК.

Според него, дојде време КСС да биде силата на новото време. Кога работниците и членовите на синдикатите, вели тој, ќе ги туркаат работите напред и бараат ангажман, да се заслужи „она што следува согласно законите и да го заслужиме достоинството на нашата професија, која за жал се изгуби попатно“.

„Во иднина, да зборуваме за успесите, а на сите оние душмани кои искажуваат неверство во искреноста на работењето на КСС, ќе им препорачаме час посторо да се освестат. Нека разберат кој е релевантниот социјален партнер во Република Македонија, кој е КСС, кои се репрезентативни грански синдикати на национално ниво. Некакви пара-организации, некакви организации создадени по нарачка, организации кои глумат борци на работничките права, многу брзо ќе ги снема на синдикалната или невладина сцена во РМ“, рече Неделков.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, пак, потенцираше дека во изминатите неколку месеци преку најразлични форми изразувале незадоволство од нефукционирање на социјалниот дијалог и социјалното партнерство.

Ивршниот одбор на КСС вчера бил повикан на преговори во Владата и ги известиле дека сериозно ќе пристапат кон нивните барања, по низа консултации и пресметки.

„Се надеваме во искрените намери на Владата. Остануваме будни и ќе продолжиме по нашиот пат со констуктивни и демократски мерки, како што доликува на нашиот синдикат“, рече тој.

За министерката за образование и наука, Рената Дескоска неспорно е дека ќе има дијалог меѓу Владата и синдикатите. Но, во делот за образованието, нејзиниот впечаток е дека власта со мерките што ги преземаат одат дури и пред барањата на синдикатите.

„Како пример за мерки кои со задоволство беа прифатени од наставниците и професорите, е можноста што ја добија за компензација на работни денови што ги работат во саботите со деновите помеѓу Нова година и Божик. Тоа беше прифатено од наставниците со задоволство бидејќи досега, и покрај тоа што тие реално немаа обврски, ги малтерирале да доаѓаат во училиште, да се потпишуваат и да седат. Сите мерки што ги правиме во рамките на реформите ќе дадат бенефит не само за учениците, туку и за наставниците“, изјави Дескоска по денешната прес-конференција во МОН.

Инаку, Синдикатот на Наставнички Пленум (СНП) го бојкотираше денешниот протест. Нагласија дека барањата на КСС и СОНК се легитимни, меѓутоа овие синдикати ги сметаат за нелегитимни.

За СОНК рекоа дека „ни го поткопаа достоинството, ни ја загрозија егзистенцијата, а требаше да штитат и унапредуваат“.

„Поради тоа се оградуваме од овој протест. Не од барањата кои не се од вчера, туку се десетина години стари. Но, од оние кои беа глуви и слепи за истите тие барања. Од оние кои нѐ направија инструмент во рацете на политичката партија која им се раздолжуваше сместувајќи ги во разни управни и надзорни одбори. Платени со наши пари, од членарини, поткупувани повторно со наши и со парите на другите даночни обврзници, а за да работат против интересите на наставниците и целото општество поткопувајќи го образованието со своето дејствување, тие повторно се обидуваат да го направат истото. Да ги исправат наставниците како жив штит пред нивниот политички ангажман и интереси“, реагираа од Синдикатот на Наставнички пленум.

Бојан Шашевски