[Фото] Студентски проект за ревитализација на железничката станица во Скопје

Едно од најмаркантните бруталистички зданија на Скопје, Железничката станица, има можност да го врати својот сјај, пишува Дизајн.мкЈосиф Николовски, студент по архитектура на Архитектонскиот факултет во Скопје, со својот проект нуди идеја и решение за оваа градба.

Тој во рамки на предметот „Пластично обликување 2“, на тема јавна уметност, предлага едноставна колоритна интервенција на објектот, која ќе му даде нова свежина и нов лик на стариот објект. Според предложениот концепт, главните перони и кули на пероните би се бојадисале со различни колоритни мурали во светли бои, кои ја задржуваат и почитуваат архитектонската градба и форма и креираат поведар лик за објектот.

„На овој начин, при пристап во главната железничка на главниот град, платото ќе ја надополни сликата на градот. Со самото исцртување на платото, кубичните волумени ќе бидат обоени во истите бои кои го дефинираат самиот мурал. Освежени со боја, нивната карактеристична геометрија и композицијата од повеќето, ќе ја ревитализира силуетата на железничката на Кензо Танге“, вели тој во описот на проектот.

Со оваа интервенција, смета Николовски, во иднина се отвора простор за нови инсталации, настани, обновување на пероните, модернизирање на изгледот и/или комплетно програмско реобмислување на платото на железничката станица.

Инспирација за него биле разните мурали низ европските метрополи, идеите за колоритни плоштади и нивниот ефект како нов социјален атрактор.

Поддршка во изготвување на проектот имал од својата менторка Наташа Милованчев.

Повеќе за проектот во целиот текст на Дизајн.мк.