[Фото] Средношколци и родители оддадоа почит на загинатите во Куманово

Средношколскиот заедно со Родителскиот пленум со едноминутно молчење, оддадоа почит на загинатите во вчерашната полициска акција во Куманово. Наместо блокада на улицата пред Министерството за образование и наука, заедно во 17 часот, застанаа пред импровизираниот камп.

Претходно, родителите побараа засилено полициско присуство окколу кампот и некој од Единицата за превенција да им одржи показна вежба за справување со несакани ситуации. Вчера пак, средношколците ги замолија своите малолетни соученици поради безбедносни причини да не преноќат во кампот.

По пет недели бојкот на наставата и две недели кампување пред министерството, средношколците во понеделник ќе се вратат во училишните клупи, но само за да го ресетираат бојкотот, бидејќи во понеделник истекува законската можност за отстуство од настава. Тие се истрајни во своите барања, да се врати стариот концепт на матура и да укине екстерното тестирање.

Со цел да се воспостават нови преговори, родителите и учениците ги повикаа министерот за образование Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски на средба во кампот, во понеделник во 13 часот.