[Фото] Скопскиот луна-парк со антички влез, на 25.000м2 површина за 6,5 милиони евра

Град Скопје објави слики од тоа како е предвидено да изгледа новиот луна-парк кој треба да се гради во Градскиот парк.

Од сликите може да се забележи дека капијата за влез во паркот изгледа во антички стил и наликува на објектите од проектот „Скопје 2014“.

Како што информираат градските власти, паркот треба да чини 6,5 милиони евра, а ќе се гради на површина од 25 илјади квадратни метри.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, при денешниот увид во градежните активности, посочи дека скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк на место на стариот кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година.

„Изминатиов период започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк со што скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна Парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра“, изјавил Трајановски.

Во соопштението од Град Скопје се додава дека за изградбата на новиот забавен парк во Скопје ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

 

//