[Фото] Шарена револуција повторно на улица, граѓаните протестираат против корумпираното судство

Познатата парола „Нема правда, нема мир“ повторно се слуша на улиците во Скопје. По кратка пауза, демонстрантите и денеска им се вратија на протестите.

Граѓанските протести се одржуваат веќе четврта недела, но барањата остануваат исти – оставка на Претседателот Ѓорге Иванов, повлекување на аболицијата и одложување на изборите закажани за 5 јуни. Фокусот на денешниот протест е корумпираното и партизирано судство.

Протестот започна пред просториите на Специјалното јавно обвинителство, од каде толпата се упати кон Кривичниот суд, јавува репортерката на Радио МОФ.

„Во држава во која насилството од страна на власта е секојдневно, а несовршеноста на нивните злостори аболицирана, на тројца од нашите соборци за правда и демократија им е продолжен куќниот притвор. Затоа денес велиме доста!  Доста ни е од селективна правда!  Доста ни е од корумпирано судство кое им слугува на Груевски и неговата клика! Доста ни е од судска власт за која највисок „правен“ акт е партиската книшка!“, се вели во повикот за денешниот протест.

Покрај во Скопје, денеска ќе се протестира и во Струмица и Тетово, каде зборните места се во 19 часот, на локацијата позната како Старата полиција во Струмица, и пред Основниот Суд во Тетово.