[Фото] Распаднато училиште во велешко, децата не одат на настава – реагираат Меѓаши

Повеќе фотографии од основното училиште „Васил Главинов“ во велешкото село Клуковец, кои прикажуваат дека делови од објектот се во ужасна состојба и целосно несоодветни за одржување настава, објави на својата фејсбук страна Детската амбасада Меѓаши.

„Тешко е со зборови да се опише состојбата која ја затекнавме. Во 50-тина квадрати руинирани и пред распаѓање треба да учат 50 деца од кои 13 треба да се првачиња и да учат во 9 квадрати кои се наменети за нив. Разрушени ѕидови, влага, без огрев… Ниедно дете не оди на училиште оваа учебна година. Детската амбасада Меѓаши реагира за состојбата и бара елементарни услови за образование“, пишува во објавата проследена со фотографиите од училиштето.

За проблемот со учениците кои не следат настава и за условите во кои се наоѓа училиштето одговор побаравме од Општина Велес. Од таму не информираа дека нивните информации и повеќе детали ќе ни ги соопштат во текот на утрешниот ден.

*Надлежните следниот ден не информираа дека училиштето се санира во тој момент и дека со претставници на советот на родители договориле наставата за учениците да продолжи во вторник.