[Фото] Протест пред Собрание, граѓани бараат оставка од Иванов

Голем број граѓани се собрани на протест пред Собранието на Република Македонија против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува на 56 политичари и функционери. Тие скандираат „Оставка“, „Нема правда, нема мир“, „Убијци“.

Демонстрантите изразуваат поддршка за 13-те приведени по синоќешните протести, за кои побараа итно ослободување и отфрлање на какви било обвиниенија за нив, побараа оставка од претседателот Иванов, и повикаа на бојкот на изборите, закажани за 5 јуни.

„Наше право е да се побуниме, ако не се буниме, не сме граѓани, туку овци“, порача активистката Мирјана Најчевска, пред Собранието.

„Полицајците се заколнале пред граѓаните на Македонија, не на Иванов, Груевски, Јанкуловска и Мијалков“, рече активистот Петрит Сарачини, кој побара од полицијата да ги спушти штитовите и да им се приклучи.

Организатори на протестот се 84 организации, кои претходно повикаа на мирен протест, без насилство.

Откако на синоќешниот протест беше демолирана, попладнево, пред почетокот на третиот протест, полицијата ја огради канцеларијата на Иванов на Рекорд.