[Фото] Протест пред Француската амбасада во Лондон по забраната за буркини на плажа

Десетици жени денеска се собраа пред Француската амбасада во Лондон во знак на протест против новата мерка на француската влада, со која се забранува носење на буркини на плажа. Протестниот собир се случи откако пред неколку дена на социјалните мрежи се појави фотографија од муслиманка во Ница, која беше принудена од страна на полицијата да го соблече буркинито, додека беше на плажа со своето семејство.

Организаторките на овој собир велат дека се згрозени од овој потег на француската влада и побараа таа да го повлечи како што велат, репресивниот закон.

„Жените имаат право да носат што сакаат“, велат организаторките, повикувајќи ги останатите кои не можеа да присуствуваат на настанот да споделуваат фотографии и да изразат поддршка на Твитер, користејќи го хаштагот #wearwhatyouwant.

На протестот пред Француската амбасада присуствуваа и муслиманки кои се дел од британската заедница „Made NGO“. Тие им објаснуваа на присутните зошто е потребно да се повлечи забраната за бурка и се фотографираа со жените облечени во костими за капење и буркини во знак на солидарност.

14045603_1096565293761566_3933305258871532457_n

Новата мерка на француската влада предизвика бројни критики, откако беше одлучено муслиманките да не смеат да носат посебни костими за капење, кои го покриваат целосно нивното тело. Оние кои нема да го почитуваат овој закон, ќе бидат парично казнети.