[Фото] Литературна светска мапа – Најпопуларните книги од секоја земја на едно место

Учењето за другите култури преку читањето и искуства кои никогаш нема да може да ги доживеете, се карактеристика која книгите ги прави посебно моќни. Токму затоа, на социјалните мрежи, внимание предизвика светската мапа на најпопуларните книги од секоја земја, која ја изработи Reddit корисникот на Backforward24.

На неа, секоја земја е претставена од најпознатата или најважната книга од тоа поднебје.

Секако, ваква мапа и компромисите кои мора да се направат на неа, водат кон дебата и незадоволство кај некои од корисниците кои коментираа сајтот. На пример, во Русија е избрана „Војна и Мир“ од Толстој иако подеднакво заслужено би било доколку одлуката паднала не некоја од книгите на Достоевски.

[Map] Literature Map of the World(5735×2913)

Македонија, иако тешко може да се забележи од самата мапа, ја претставува романот „Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски. Од соседните земји, Србија е претставена преку „Хазарскиот Речник“ на Павиќ, Хрватска со „Кафе: Европа – живот после комунизмот“ од Дракулиќ, во Грција е „Илијада од Хомер“, Турција е „Моето име е црвено“ од Памук, Албанија со „Генералот на мртвата војска“ од Кадаре, додека Босна и Херцеговина ја претставува „Дневникот на Злата“ од Злата Филиповиќ.

„Клетници“ е претставник на Франција, „Метаморфоза“ во Германија, „Гордост и предрасуда“ во Велика Британија, додека можеби најмногу револт предизвика Шпанија, која ја претставува книгата „Сенката на ветрот“ од Карлос Руиз Зафон, додека корисниците на Reddit скоро едногласно велат дека тоа требало да биде „Дон Кихот“.

Backforward24 направи и втора верзија на мапата, во која се корегирани некои земји (Дикенс ја претставува Британија, Дима – Франција и конечно, Сервантес е сместен во географската територија на Шпанија).

Она што ја прави мапата посебно интересна се книгите од Африка, Азија или Јужна Америка кои можеби на некого ќе му ја разбудат љубопитноста и ќе ги побараат за читање.

Целосната мапа, во висока резолуција, можете да ја најдете ОВДЕ и втората верзија ОВДЕ.

Дебатата за мапата на следниов ЛИНК.