[Фото] Илјадници чевли маршираа против климатските промени во Париз

Илјадници чевли беа поставени утрово на „Плоштадот на Републиката“ во Париз, од каде што требаше да започне маршот против климатските промени, откажан по нападите во Париз. Плоштадот е исполнет со бебешки папучи, чизми полни со цвеќиња, патики, заедно со пораки за планетата.

Акцијата претставува „симболичен споменик на упорноста кај луѓето да бидат слушнати“, објасни Ема Руби Сакс, заменик-директор на „Авааз“, глобално движење за мобилизација на граѓаните, воедно иницијатори на акцијата.

Статуата во центарот на овој плоштад е местото каде парижаните во неколку наврати спонтано се собираат по нападите што се случија во главниот град на 13 ноември.

Чевлите биле свртени кон „Плоштадот на нацијата“ каде маршот требало да заврши. Настанот се случува во пресрет на Париската конференција за климатските промени.

„Неверојатно е да се оди меѓу илјадниците чевли. Луѓето можат да ја почувствуваат болката на замолчените гласови, но исто така, се надевам дека оваа конференција ќе може да ја спаси планетата“, додава Руби.

Меѓу анонимните чевли, свои обувки испратиле и неколку познати личности како на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, чизмите на актерката Марион Котијар, потпетиците на познатата модна дизајнерка Вивиен Вествуд, па дури и еден пар обувки на папата.

Долж париските улици пак, се формирала колона од луѓе, кои фатени за рака извикувале „Потопло од климата“, додека други носеле плакати на кои пишувало „Тие се големи само ако ние сме на колена“, или „Тие загадуваат, тие експлоатираат, тие профитираат“.