[Фото] Двајца мажи тепани со стап во Индонезија поради хомосексуален однос

По 85 удари со стап добија двајца мажи во индонезиската провинција Ацех, откако биле фатени како имаат секс.

Мажите стоеле на платформа молејќи се во бела облека, додека луѓе со качулки ги удираат нивните грбови со стап. Парот, на 20 и 23 годишна возраст, биле најдени заедно во кревет од параполициска патрола која упаднала во нивиот стан во март. Нивниот идентитет не бил соопштен.

Хомосексуалноста не е нелегална во поголемиот дел од Индонезија, но во Ацех тоа не е случај бидејќи таа е единствена провинција која го применува исламското право. Ова е првпат геј лица да бидат тепани со стап поради Шеријатското право во оваа провинција.

Казната била извршена пред џамија во Банда Ацех, главниот град на Ацех.

Голема група насобрани луѓе го набљудуваа и охрабруваа тепањето со извици како: „Ова нека ви биде лекција“ или „Удри ги посилно“.

Претходно, организаторот ја предупреди публиката да не ги напаѓа мажите, посочувајќи дека „тие се исто така луѓе“.

Новинарката на ББЦ, Ребека Хеншке, присуствувала на спроведувањето на казната. Таа претходниот ден била првата новинарка која разговарала во затворот со еден од казнетите млади луѓе, за кој вели дека бил блед и имал црвени осипи по телото.

„Другите затвореници не опколија со заканувачки погледи додека се обидувавме да разговараме. Мислев дека ќе разговараме приватно, но тоа не му беше дозволено на момчето“, објаснува таа.

Пред параполицијата да упадне во неговата соба која ја изнајмувал, тој бил во последната година на студии по медицина, со желба да биде доктор, сведочи новинарката на британскиот јавен сервис, но по настанот, бил избркан од универзитетот. Видео снимка од упадот, на која тој и неговиот партнер имаат секс, брзо се раширила преку интернетот. На снимката, двајцата се голи, додека молат за помош.

„Само сакам да ме казнат со ударите со стап и да заврши тоа за да се вратам кај семејството. Цело време сум во длабока депресија. Се трудам да излезам од длабоката црна дупка во која се наоѓам“, новинарката пренесува дел од тоа што и го рекол.

Провинцијата Ацех, пред десетина години, добила специјални привилегии да воведе сопствени строги исламски закони, а во последните години расте конзервативноста во средината.

Стрикните закони против хомосексуалноста биле донесени во 2014-та година, а стапиле во сила наредната година.

Во претходните случаи кога луѓе јавно биле казнувани со удари со стап, тоа било поради коцкање и пиење алкохол.

Индонезија историски била толерантна кон хомосексуалноста, но имало случаи на зголемување на службеното и општественото непријателство кон малите и притаени ЛГБТК групи во последните години.

Претходно, индонезиската полиција уапси 141 маж во рација на, како што било наречено од полицијата, „геј забава“ во сауна во главниот град Џакарта.

Групите за човекови права остро го критикуваат прогонот на луѓе вклучени во истополови врски, како и казнувањето со удари од стап.