[Фото] Боја доби и Судската палата – четврта недела Шарена револуција

Протестот на неформалното движење „Протестирам“ продолжи пред Судската палата, кон која демонстрантите фрлија балони полни со боја, за да заврши пред Влада.

Скандирајќи „Робија“, „Оставка’, „Нема правда, нема мир“, демонстрантите порачаа дека револтот нема да стивне, напротив, ќе протестираат се додека ги држи нозе. Фокусот на денешниот протест беше корумпираното и партизирано судство.

Свои обраќања имаа адвокатите Ѕвонко Давидовиќ и Снежана Калевска, а најмногу емоции предизвика говорот на Елена Ефтимова, мајката на приведениот студент Борјан Ефтимов, кој веќе 15 дена се наоѓа во куќен притвор, поради учество во толпата, која демолираше пред Канцеларијата на претседателот Иванов.

„Апелирам судот да суди по закон, за правдата да победи. Денес стојам пред вас со исправена глава и чиста мисла и могу горда од мојот син“, рече Ефтимова пред насобраната толпа граѓани.

„Не смееме да дозволиме и на наши деца да им биде земена слободата. Сакам да им се обратам на сите кои од дома не поддржуваат – нема зошто да се плашете, излезете и охраберете ја нашата младина, охрабрете ја нашата иднина. Избор повеќе нема, или ќе живееме во демократија, или нашиште деца ќе ни се обраќаат по Скајп и Вајбер. Или сите ќе ги вратиме општественте вредности, или ќе ги нема“, се обрати Ефтимова.

Адвокатите Калевска и Давидовиќ, пак, сметаат дека не постои независно судство и побараа да се почитуваат основните човекови права, кои според нив, се згазени и одземени од граѓаните.

„Ние немаме независно судство, немаме правда. Во секоја од оваа судски згради на влзот е божицата на правдата, не учеа дека и се заврзени очите и затоа пред законите се сите еднакви. Но, што се случува денеска, целосна ерозија, немаме правна и независно држава. Ние сме заробеници на оваа власт, која не сака да има независно судство“, рече Калевска.

„Кај нас притворот се користи како казна. Ова судство имаше шанса да застане на нозе, тоа им го овозможи СЈО, но не знаеше да ја скористи. Ова судство само праќа порака – бидете член на партија за да не одговорате, да не одите во притвор“, подвлече Давидовиќ.

За време на фрлањето боја кон Судската палата, репортерката на Радио МОФ забележа како еден од полициските службеници ги снима демонстрантите со камера.

Ова е четврта недела како граѓаните протестираат за оставка на Претседателот Ѓорге Иванов, повлекување на аболицијата и одложување на изборите закажани за 5 јуни.

Покрај во Скопје, денеска се протестираше и во Струмица и Тетово.