[Фото] Битолчани со блокади против загадувањето: Посебен сообраќаен режим и помали сметки за струја

Битолчани денеска со 40-ина возила ги започнаа најавуваните блокади на патот кон РЕК Битола, на излезот кон Скопје. Со мирниот протест побараа сите политичари, на локално и национално ниво, да се заложат за конкретни мерки против големото загадување во градот.

Здружението „За нас се работи“ презентираше меморандум со две главни барања. Едното е за локалната, а другото до централната власт.

„До локалната власт бараме посебен режим на сообраќај од 18 до 1 часот по полноќ, бидејќи во тој период е најзагадено. Тоа значи – во централното градско подрачје да не може да се поминува со автомобили. Сметаме тоа е изводливо. Главното барање е до Владата. Бидејќи сите ветуваат гасификаја која би траела 10-ина години, браме во тој период да се тргне ангажираната моќност од сметкате за електрична енергија. Да се субвенционира 30 отсто, односно граѓаните да се плаќаат 70 отсто од потрошената струја, се додека не се најде алтернативно решение за греење на домаќинствата. Ова го бараме бидејќи се докажа дека загревањето на домаќинствата, на разни објекти и институции, исто така има голем удел во загадувањето“, вели за Радио МОФ активистот Дуле Груевски од здружението „За нас се работи“.

Овој меморандум не е случајно во време на изборна кампања. Во следните два дена продолжуваат блокадите од 15 часот, а истовремено битолчани чекаат одговор од сите 11 коалиции и политички партии да потпишат дека доколку бидат дел од идната власт, во тој случај да ги спроведат барањата.

Фото: Иван Чулаковски „За нас се работи“

Б.Ш.