[Фото] Активисти од „Гоу Грин“ преку акција „Т’га за воздух“ алармираат за загадувањето

„Го разбирам светот, ама загадено Скопје ми нема смисла“ – би рекол Гоце Делчев за загадувањето на главниот град, овој пат неговата порака е пренесена преку иницијатива организирана од младите активисти на еколошката младинска организација „Гоу Грин“.

Акцијата „Т’га за воздух“ започна на почетокот на месец февруари со одржување на две работилници за подигнување на свеста кај младите за проблемите од аерозагадувањето и креативно изразување. Од иницијативата велат дека целта е да се актуелизираат проблемите на креативен начин, да се подигне јавната свест за загаденоста на воздухот и да се изрази копнежот на граѓаните за чист воздух.

„’Гоу Грин’ ги започна своите иницијативи за алармирање на загадениот воздух уште во 2010 година кога го организираше првиот марш со гас маски. Од тогаш се одржаа пет протести против загадувањето на воздухот и беа предложени краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето до надлежните институции. Сепак гас-маските станаа претпознатлива опрема за граѓаните на Скопје, бидејќи решение за загаденоста на воздухот се уште нема“, велат од „Гоу Грин“.

Инаку, освен „Гоу Грин“, акцијата е поддржана е и од Националниот младински совет на Македонија. Исто така, акцијата е дел од кампањата „Мрдни со прст“, чија цел е подигнување на јавната свест за различните можности преку кои секој поединец може да придонесе во својата заедница.