[Фото] „50-ка“ се врати кај ГТЦ

Наместо спроти Културниот – информативен центар, автобусот број „50“ на ЈСП од денеска повторно поминува кај Градскиот трговски центар. Минувачите можеа да забележат и нов дизајн на автобусот со ликот на таткото на ГТЦ, архитектот Живко Поповски, кој порачува „Чувајте ми го ГТЦ“.

„Ја враќаме оваа линија на местото каде што традиционално припаѓа. Го враќаме стариот дух на градскиот трговски центар со намера да го заживееме онаков како што го знаеме од времето кога Скопје беше полно со радост“, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Линија број „50“ во правец од Хиподром према Клинички Центар ќе сообраќа по променета траса. Односно, после постојката кај МНТ се влегува во сутеренот на Градскиот трговски центар, а наредна постојка ќе биде  Рекорд кон запад“, соопштија градските власти од Скопје.

Во правец од Клинички Центар кон Хиподром трасата останува непроменета.