Фондација Македоника: Награден конкурс за талентирани млади автори

Фондација Македоника, во соработка и со финансиска поддршка на „Меѓународниот фонд за промоција на културата“ на УНЕСКО, го отвори  наградниот конкурс за талентирани млади автори во дигиталната издавачка индустрија.

Можност да учествуваат во проектот имаат сите автори од етничките заедници (Македонци, Албанци, Турци, Роми и Срби) од Република Македонија, регионот и дијаспората, на возраст од 18 до 30 години, кои во период од 10 месеци, почнувајќи од 1 јули 2016, за прв пат објавиле свое дело.

Конкурсот трае од 1 јули, 2016 до 31 март, 2017 година. Сите пристигнати дела што ги задоволуваат критериумите за подобност ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на Фондација Македоника.

Издавачката комисија на проектот ќе ги избере четриесетте најдобри што ќе бидат наградени со авторски хонорар. Делата од македонски автори ќе бидат објавени на македонски јазик, а делата на јазикот на етничките заедници ќе бидат објавени двојазично, на мајчиниот јазик на авторите и на македонски јазик.

Во рамките на дигиталната библиотека ќе биде организиран и социјален форум каде читателите ќе ги коментираат и оценуваат објавените текстови. Најдоброто дело на проектот ќе добие специјална награда во вредност од 1.000 долари. Жанрот на делата за доставување не е ограничен, а авторите можат да конкурираат со проза, поезија и драма, со едно или повеќе дела.

Делото со кое се аплицира на конкурсот треба да биде испратено во „word“ на адресата knigi@makedonika.mk заедно со корица во резолуција 500х750 px, како и краток опис на содржината што не треба да надминува 1.000 карактери. Доколку авторот нема корица, таа ќе биде изготвена од графички дизајнер од Македоника.

Делата што ќе бидат објавени билингвално авторите од етничките заедници треба да ги достават на македонски јазик и на својот мајчин јазик (албански, турски, ромски и српски).

По завршување на проектот УНЕСКО ќе ги промовира сите објавени дела во сите земји членки на Обединетите Нации. Сите заинтересирани автори можат да добијат повеќе информации ОВДЕ.