Firechat – од обична апликација до алатка за револуции

Апликацијата за кратки пораки Firechat отпрво била замислена како средство за комуникација на музичките фестивали кои се одржуваат на далечни и непристапни места, како Burning Man, кој се одвива во пустина во американската држава Невада. Со неа, корисниците кои не се поврзани со стабилна интернет-мрежа, туку користат bluetooth или се конектирани преку multipeer технологијата на Apple, можат да комуницираат меѓу себе. Ова значи дека таа, освен на фестивалите, би можела да биде корисна во јавниот превоз без интернет-конекција или во помалку развиените земји.

Но, производителите на оваа апликација не сметале на тоа дека со Firechat можат да се испраќаат и пораки во време на граѓански немири и револуции. Апликацијата е претставена пред една година, а од компанијата Open Garden, која ја произведува, забележале дека најмногу се користи токму кога некаде во светот има демонстрации. Студентските протести во Тајван, само една недела по лансирањето на Firechat, биле само почеток. За време на „чадор-револуцијата“ во Хонг Конг минатиот септември, рекорден број корисници ја симнале оваа апликација.

Под чадорите, демонтрантите во Хонг Конг комуницираа меѓу себе со помош на FIrechat

Под чадорите, демонтрантите во Хонг Конг комуницираа меѓу себе со помош на Firechat

„Половина милион луѓе користеа Firechat во првите десет дена од протестите во Хонг Конг. Ова е импресивно, ако се знае дека само 7 милиони луѓе живеат на островот“, вели шефот на маркетинг во компанијата Christophe Daligault.

Неколку месеци подоцна, на 30 декември 2014, сега починатиот руски опозициски лидер Борис Немцов јавно им порачал на поддржувачите да си инсталираат Firechat во случај власта да ја прекине интернет-комуникацијата во земјата. Околу 25.000 луѓе ја спуштиле апликацијата само тој ден. Самиот Немцов продолжил да испраќа пораки, вклучувајќи и една во моментот кога го апселе.

Firechat - од обична апликација до алатка за револуции

Рускиот опозиционер Борис Немцов, кој неодамна беше убиен во Москва, беше еден од промотерите на Firechat

Сепак, досега имало одредени проблеми со користењето на Firechat. Иако апликацијата е анонимна (но не и приватна или заштитена со енкрипција), корисниците немале начин да потврдат дали информациите испратени преку неа се точни.

„За време на револуцијата во Хонг Конг, се појавија пораки во кои се тврдеше дека армијата тргнува кон одредени областо од градот, наоружана со вистинска муниција, а ова се покажа како неточно. Не знаевме кој ги испраќа овие лажни пораки. Можеби тоа беа трговците кои сакаат да ги задржат демонстрантите подалеку од нивните продавници. Ни требаа веродостојни извори на информации, па почнавме да вклучуваме новинари со потврдени акаунти“, вели Daligault.

Затоа, компанијата сега го прифаќа новинарскиот потенцијал на својата апликација и деновиве склучува партнерство со платформата за собирање вести Storyful и го создава Open Live Newsroom – место на кое верификувани новинари ќе можат да разменуваат пораки со луѓе од целиот свет.

Ова претставува еволуција на првичната идеја на Firechat. Во идеална ситуација, Open Live Newsroom може да понуди ресурси за известувањето од терен, но и место на кое заедниците ќе можат да ги добијат најсвежите информации „од прва рака“ за случувањата во нивните области, сметаат од компанијата.