Филмските работници бараат поголем буџет, министерството тврди дека е проектиран според потребите

Филмските професионални во Македонија му упатија протестно писмо на министерот за култура Роберт Алаѓозовски поради предлог буџетот за култура за претстојната година, во кој се предвидува кратење на средствата наменети за филм.

Тие денес се собраа пред министерството каде го изразија својот револт и побараа преиспитување на оваа одлука барајќи при донесување на конечната одлука да се земат предвид сите фактори.

„Аргументациите дека и со помалку пари се прават добри филмови се точни. Но, само како исклучок, а не како правило. Аргументациите дека се давале пари, а филмовите биле лоши се исто така точни. Но, за едни други времиња, во кои доделувањата на средствата многу често беше политичка одлука. Зарем не се боревме сите заедно против такво општество?“, се вели во протестното писмо што го прочита режисерката Дина Дума.

„Во последниве две децении, во Македонија се гради независната филмска продукција по европски терк и ние со забрзани чекори се интегрираме во европското филмско семејство. Кратењето на средства за филм во време кога државниот буџет и буџетот за култура се зголемуваат, Агенцијата за филм се гуши со наследени долгови, значи директен удар и кон оваа, ионака кревка македонска филмска продукција“, сметаат филмските работници.

Тие велат дека се свесни за промашувањата и профитерите меѓу нив, сепак според нив филмот останува водечки медиум и најмоќна промотивна алатка преку која се потврдува постоењето и идентитетот на една нација. Нивна желба е создавање систем на вредности во кој филмот ќе биде ослободен од стегите на политиката, ослободен од натрапници и профитери, а ќе биде достапен за талентираните, посветените и успешните.

По нивното излагање, се обрати и портпаролот на министерството Петрит Сарачини кој рече дека министерството ќе ги поддржи барањата на филмските работници преку „добар буџет“.

„Средствата одвоени се проектирани за да ги задоволат потребите на филмските работници во земјата“, рече тој.

Додаде дека планираат да направат целосна ревизија на работата на Агенцијата за филм и на средствата потрошени за филмската дејност.

„Секако доколку се утврдат злоупотреби, за тоа ќе следуваат одговорност и законски постапки“, напомена Сарачини.

„Наша намера не е да се доделат средтва и тие да лежат непродуктивно на сметки на институциите, туку да се трошат според бараната динамика на проекти кои се во интерес на граѓаните“, наполни.

Тој повика претставници на филмските работници да се сретнат во понеделник со министерот Алаѓозовски и директорот на Агензијата за филм, Горјан Тозија на која ќе дискутираат за сите проблеми што ги засегаат.