Филмски проекции и дискусии секој понеделник во Кино Култура

Дебатното кино „Контра кадар“ во Скопје најави дека секој понеделник, во 19 часот во Кино Култура, почнувајќи од овој (15 февруари), ќе организира филмски проекции и дискусии.

„Отвора нови, свежи, скопски фронтови за филмски дружби и тематски дебати. Имаме големо платно, а влезот е бесплатен“, соопштуваат организаторите.

„Контра Кадар“ е група од ентузијасти, уметници, активисти – љубители на филмската уметност кои организираат општествено-ангажирани настани низ филмски проекции и дискусии. После скоро три години „зрачење“ во Битола, иницијативата се развива и во Скопје, со нови луѓе и нова публика.

Прв филм кој ќе се прикажува е „Холивудски крај“ на режисерот Вуди Ален, од 2002 година. Гости на дискусијата која ќе следува по филмската прокеција се филмскиот критичар Влатко Галевски и професорот и филозоф Стефан Сидовски.

Филмот зборува за режисер кој е принуден да работи со неговата поранешна сопруга која го напушта за продуцентот на неговиот нов филм. Во текот на ноќта пред првиот ден од снимањето, тој развива случај на психосоматско слепило.