Филмот за „Лајбах“ во Северна Кореја ќе го затвори Скопје филм фестивал

Со филмот „Ден на ослободувањето“ на Угис Олте и Мортен Травик за гостувањето на словенчката група „Лајбах“ во Северна Кореја, утревечер во 20 часот завршува годинешното 20. јубилејно издание на „Скопскиот филмски фестивал“.

Норвешкиот режисер Мортен Травик ја смисли досега најчудната севернокорејска приказна: вистинската приказна за тоа како Демократска Народна Република Кореја првпат покани западна рок-група да свири во земјата. Групата одбрана за оваа чест се словенечките арт-рок ветерани „Лајбах“, формирани во Југославија, познати по тоа што сатирично флертуваат со фашистички метафори. Идејата на „Лајбах“ е да ги свират своите аранжмани на песни од американскиот мјузикл „Моите песни, моите сништа“ – еден од ретките западни филмови дозволени и сакани во земјата.

Денеска во рамките на СФФ работилница за анимиран филм ќе одржи Берин Тузлиќ, уметник од Сараево. Работилницата ќе се одржи  во Кинотека на Македонија од 12 часот.

Вчера вечер, пак, како дел од фестивалската програма беа две премиери на новите македонски краткометражни играни филмови во продукција на „Круг“.

Публиката во киното „Фросина“ ги виде „Ќе дојдат децата“ во режија на Ана Јакимска, со Наташа Петровиќ и Шенка Колозова во главните улоги и „Чевли“ во режија на Бранко Костески, со актерите Благој Веселинов, Григор Јовановски, Диме Илиев, Ана Костовска и Роберт Ристов. По проекциите од името на двете филмски екипи на публиката за поддршката и на учесниците за професионалноста им се заблагодари режисерката Ана Јакимска.