Филмот „Human Traffic“ за клупската сцена во 90-тите ќе добие продолжение

По најавата за продолжението на култниот „Trainspotting“, неодамна во јавноста беше објавена веста дека ќе се снима втор дел и на филмската класика за клупската сцена во 90-тите „Human Traffic“. Филмот повторно ќе биде напишан од оригиналниот автор и режисер на филмот Џастин Кериган.

Гласините за новото продолжение почнаа пред неколку месеци на социјалните мрежи, кога на Фејсбук се појави страница Human Traffic: The Revolution, придружена со опис „Пријателите се соединуваат за да се забавуваат на Ибица“.

Денир Даер, кој го играше ликот на Моф, во филмот од 1999 година, неодамна напиша на Твитер:

„Моф. Еден од моите најомилени ликови. Тоа е се што можам да кажам на ова прашање.

Британско-ирскиот филм зборува за пет пријатели на возраст од 20 и нешто години, кои ја обожаваат рејв музиката, па заминуваат на викенд во Кардиф. Филмот беше познат по неговата употреба на архивски снимки во создавањето на социјален и политички коментар. Музиката во филмот, пак, претставува еден вид на документација на тој период, вклучувајќи ја музиката на дел од најголемите имиња на денс сцената, како Фетбој Слим и Карл Кокс.

Џон Сим, Лорен Пилкингтон, Шон Паркс и Никола Рејнолдс се дел од оригиналните актери во филмот, сепак, се уште не се знае кој од нив ќе се врати во продолжението. Се уште не се знае ниту кога ќе биде готов филмот.