Филип Бујароски – Бујо: Студентското сместување на Харвард е како на филм

Харвард, како институција, сака многу да им го олесни животот на своите ученици во однос на сместувањето. Јас сум презадоволен од квалитетот на живот тука. Не морам да мислам речиси на ништо, освен на учењето, бидејќи скоро се останато веќе е обезбедено, пишува Филип Бујароски – Бујо, бруцош на Харвард и еден од ретките македонски ученици студираат овде. Во колумната за Радио МОФ тој раскажува за студентското сместување на еден од најдобрите  американски универзитети.

10259830_10203012966959293_4548542518642621287_n

Поголемиот дел на американските универзитети (барем тие на кои аплицираат македонските средношколци) им гарантираат престој на своите ученици во своите студентски домови во текот на сите четири години. Секако, тоа може понекогаш да е скапо, меѓутоа најголемиот дел од најдобрите факултети во САД се трудат финансиски да им помогнат на своите ученици преку стипендии. Харвард ги наложува учениците од прва година да престојуваат во дел од студентските домови на Харвард, со цел учениците да имаат поисполнето искуство на универзитетот. По завршување на првата година, учениците се слободни да живеат каде што сакаат, меѓутоа поголемиот дел од нив сепак избираат да останат во еден од студенските домови овде.

Делот од кампусот на Харвард во кој јас живеам е најстарото место на целиот кампус – Harvard Yard. Тука впрочем живеат сите ученици кои се прва година. Има 17 куќи во кои бруцошите претстојуваат. Најстарата од нив е изградена во 1712 година, најновата во 70- ите. Јас пак живеам во куќа што била изградена во 1870 година која изненадувачки има фантастични услови за живеење о каде се чини дека само ѕидовите се стари повеќе од 140 години. Бруцошките куќи се наредени во форма на правоаголник околу големото двориште, кое поради големиот број на дрва и верверички, во овој период од годината изгледа како да е излезено од некој филм.

apley2

Харвард, како институција, се труди да им го олесни животот на своите ученици во однос на студентското сместување, но овде постојат и бројни традиции. Така, во јули сите бруцоши пополнуваат една голема апликација, според која добиваат место во еден од студентските домови. Но важно е да се знае дека сите студентски домови имаат свој карактер, а учениците ги добиваат оние места во кои администрацијата на Харвард проценува дека тие најдобро и најудобно ќе се чувствуваат. Исто така, според апликацијата, студентите се поделени по соби. Јас имам двајца цимери (имаме 3 собен апартман), со кои веќе неверојатно добро се согласувам и ги сметам за најдобри пријатели. Не сум апсолутно сигурен каков точно е процесот на селекција, меѓутоа јас сум пресреќен со луѓето околу мене.

Сите бруцошки студентски домови имаат простор со маса за пинг-понг, билијард, кујна и простор за некој вид на домашно кино. Харвард се труди интернатите да не бидат само простор во кој луѓето ќе спијат, туку простор во кој луѓето ќе се социјализираат и ќе се забавуваат. Овде сум помалку од 2 месеци, а бројот на ноќи во кои сум останал до покасно од 2 наутро играјќи билијард е „застрашувачки“.

IMG_3020

По завршувањето со прва година, учениците се селат во некоја од поголемите куќи кои се наменети за постарите ученици. Според  моето досегашно искуство, тие куќи имаат уште подобри услови за живеење од тоа што Харвард им го нуди на бруцошите. Буквално од секоја локација каде што живеат студентите, за само 10 минути пеш може да се стигне од историскиот центар на Харвард.

Еден од најинтересните настани во прва година (барем според постарите студенти) е денот кога сите бруцоши дознаваат каде ќе престојуваат во текот на наредните 3 години. Тогаш учениците смеат да изберат група до 8 студенти и Харвард им гарантира дека ќе бидат ставени во истата куќа со нивната група. Интересно е и тоа што секогаш на 15 март постарите студенти од не-бруцошките куќи влетуваат во бруцошките студентски домови и прават различни шали и трикови. На истиот ден, eдна од куќите пак (најоддалечената, на 15 минути од центарот), има традиција нејзините членови да трчаат до бруцошките куќи во 8 часот наутро и тоа само во костими за капење. Колку за илустрација, минатата година на 15 март температурата во Бостон била -10 C, а сепак студентите си ја испочитувале традицијата.

0r

И храната е обезбедена заедно со сместувањето на Харвард. Сите бруцоши јадат во една огромна кафетерија,  која изгледа како да е излезена од „Хари Потер“.  Храната е подобра од она што го очекував, но мора да признаам дека ми недостига готвењето на мајка ми и баба ми.

Сепак, јас сум презадоволен од квалитетот на живот тука. Не морам да мислам речиси на ништо, освен на учењето, бидејќи скоро се останато веќе е обезбедено. Кампусот е прекрасен и Харвард очигледно вложува огромни напори и многу ресурси во тоа учениците да бидат задоволни со сместувањето.