Филхармонија ќе свири теми од Ник Кејв, Бјорк и Том Јорк за Денот на вљубените

Македонска филхармонија по повод Денот на вљубените, 14 февруари, подготвува подготвува несекојдневен музички настан. Овој пат насловен „Murder Ballads“, концертот ќе претстави теми од Леонард Коен, Ник Кејв, „Портисхед“, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш.., а во аранжмани и под диригентство на Џијан Емин.

Концертот е само еден од долгата листа на планирани настани кои Филхармонијата ги најавува во новата 2018 година. Ќе се реализираат повеќе симфониски концерти со солисти и диригенти, а програмата, велат од таму, ќе биде исполнета со сериозни, комплексни, но и атрактивни и инспиративни дела.

‘Првиот е насловен ‘Лауреати’, кој ќе се одржи на 18 јануари во 20 часот. Под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијаното, Даниел Харитонов. Тој за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист. На програмата оваа вечер се и атрактивната увертира ‘Карневал’ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус“, велат од Филхармонија.

Потоа, на 25 јануари ќе се одржи концертот под наслов „Моцартовите перипетии“ со маестро Михал Нестерович од Полска зад диригентскиот пулт, додека на 31 јануари публиката ќе може да го проследи концертот „Апотеоза“ на кој под диригентство на маестро Борјан Цанев, како солист ќе се претстави врвниот виолинист Роман Симовиќ од Црна Гора, кој кариерата ја гради во Велика Британија и ширум светот.

„‘Вокална магија’ е концертот закажан за 22 февруари, на кој под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, како солист ќе се претстави македонскиот баритон Милан Силјанов кој живее и твори во Швајцарија, додека на 8 март е концертот ‘Женски приказни’ со маестра Елена Митревска зад диригентскиот пулт“, соопштува Филхармонија.

Оваа концертна сезона ќе ја одбележат настапите на уште неколку македонски солисти . „Мејд ин Маседонија“ е насловот на концертот на кој на 15 март ќе настапи кларинетистот Здравко Ангелов, прв кларинетист во Македонската филхармонија, додека во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, на 22 март – виолинистот Александар Иванов.

Виолинистот Ѓорѓи Димчевски, пак, ќе настапи на концертот „Шпанија во срцето“ на 4 април, заедно со Рикардо Касеро од Шпанија, додека дуото виолини Анна и Олег Кондратенко ќе настапат на концертот „Годишни времиња Пјацола/Вивалди“ на 26 април.

Годинава и Македонската филхармонија се приклучува кон одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на американскиот композитор Леонард Бернштајн, на кој под диригентство на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, како солист ќе настапи истакнатиот виолончелист Николас Алтштед од Германија на концертот „Бернштајн 100“ закажан за 29 март.

„’Атрактивната Лисица’ е насловот на концертот на 19 април, на кој ќе настапи популарната пијанистка Валентина Лисица од Украина, а како диригент ќе се претстави маестро Габриел Бебешелеа од Романија, додека на 4 мај ќе биде изведен грандиозниот ‘Реквием’ од Моцарт, под диригентство на Емил Табаков. Мај ќе го одбележат уште два извонредни концерти – ‘Север и југ’ со истакнатиот пијанист Евгениј Судбин од Русија и ‘Нинг Фенг се враќа’ со фантастичниот солист на виолина Нинг Фенг од Кина“, велат од Филхармонија.

Македонската филхармонија продолжува и со реализација и на симфониските концерти за најмладите, како и со камерните концерти кои ќе се одржуваат во малата сала.