Фејсбук сака луѓето да пишуваат со мозокот и да слушаат преку кожата, за надминување на говорните недостатоци

Тим од преку 60 научници, инженери и останати експерти работат во таинствената истражувачка лабораторија на Фејсбук, наречена „Зграда 8“, на поле кое технолошкиот гигант го опишува како „комуникации на безгласно говорење“.

Новата комуникациска технологија би требало да помогне на луѓето да ги надминат своите физички недостатоци. Една од идеите е да се овозможи луѓето да пишуваат директно од нивните мозоци со голема брзина.

Друг проект е насочен кон овозможување на луѓето да слушаат преку нивната кожа, за кое компанијата развива неопходен хардвер и софтвер.

„Следните две години ќе изградиме системи кои ќе ја демонстрираат можноста да се пишува со 100 збора во минута преку декодирање на невронската активност посветена на говорот. Звучи невозможно, но поблиску е отколку што мислите“, напиша во пост Реџина Дуган, потпретседател на инженеринг во „Зграда 8“.

Реџина Дуган на Ф8 конференцијата

Информатичкиот сајт PCWorld пишува дека концептот не е сосема нов. Истражувачите од Универзитетот Стенфорд  претходно покажале дека платформата за поврзување на мозокот со компјутер може да овозможи луѓето со парализа да внесуваат текст со мислите, користејќи електроди сместени во мозокот кои забележуваат сигнали кои ги контролираат мускулните движења во мозочните делови.

Дуган додава дека пристапот на Фејсбук ќе биде фокусиран на развивање неинвазивен систем кој еден ден може да претставува говорна простетика за луѓе кои имаат проблеми во комуникацијата или нови начини за внес во виртуелна реалност. Наместо вметнување електроди, компанијата размислува за сензори кои би ги регистрирале мозочните сигнали.

Во врска со етичките прашања на приватноста, Дуган објаснува дека технологијата нема да биде заинтересирана за декодирање на случајните мисли на луѓето. Целта треба да бидат декодирањата на зборовите кои луѓето одлучуваат да ги споделат и ги испраќаат во мозочниот дел за говор.

„Нашиот мозок продуцира доволно податоци за да стрима 4 филмови во висока резолуција секоја секунда. Проблемот е што најдобриот начин кој го имаме за пренесување на информацијата во светот – говорот – може да пренесува скоро исто толку податоци како модем од 1980-та година“, напиша во пост Марк Закерберг, основачот на Фејсбук.

„Човечкиот мозок стрима 1 терабит во секунда, додека говорот пренесува околу 40 до 60 битови во секунда“, додава Дуган, која истакнува дека говорот најпосле е многу лош начин на алгоритамска компресија.

//