Фејсбук ќе ги елиминира објавите кои бараат лајкови и споделувања

Од оваа недела, Фејсбук ќе започне да ја намалува видливоста на спам објавите на кои примарна цел им е да привлечат кликови и кои ги поттикнуваат корисниците на социјалната мрежа да лајкуваат, споделуваат, тагираат или коментираат.

Објавите од типот „Тагнете ги пријатели кои сакаат да спијат!“ изгледаат популарни бидејќи си „играат“ со алгоритамот на Фејсбук, што доведува до нивна поголема видливост на времепловот.

Од компанијата тврдат дека со новото ажурирање нема да влијаат на објавите кои повикуваат на собирање средства за хуманитарни цели или оние каде некој бара совет за патување.

Фејсбук секојдневно категоризира стотина илјади објави, поради што системот веќе е научен да детектира различни видови „кликбајтови“.

„Со ова сакаме да го намалиме ширењето на содржини кои претставуваат спам, како сензационалистичките објави и погрешните информации, за да промовираме значајна и автентична комуникација“, стои во соопштението на Фејсбук.

Во наредниот период, секоја страница која повеќе се ориентира на „кликбајтови“, толку помалку ќе има видливост во просторот на социјалната мрежа.