Фановите лути: Концертот за Тоше неизвесен, градоначалниците сечат ленти

Неизвесно е одржувањето на настанот ,, Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше” кој традиционално, на 5 октомври, се одржува во Скопје, како потсетување на прерано починатата музичка ѕвезда и последниот негов концерт во Македонија.

Фановите лути: Концертот за Тоше неизвесен, скопскиот градоначалник сече ленти

Од фан Клубот ,,Тоше Проески”, кои со подршка на фондацијата ,,Тоше Проески” го организираат настанот, обвинија дека годинава се среќаваат со пречки од страна на Град Скопје и игнорантски однос, иако уште кон крајот на јуни е поднесено барањето за одобрување на настанот на Плоштад Македонија.

„За жал, до ден денес немаме добиено конечен одговор и сеуште сме во исчекување. Во меѓувреме сме информирани дека на тој датум ќе се одржува друг настан „Бела ноќ”. Заради тоа побаравме средба со градоначалникот г-дин Коце Трајановски за да добиеме конкретен одговор на нашето барање. Таа средба сеуште не се случила и пак сме оставени во исчекување. Ние сме многу изреволтирани, бидејќи кон нас се однесуваат крајно несериозно и непрофесионално“, стои во реакцијата на клубот.

Членовите се разочарани од односот на Градот Скопје и објаснуваат дека нивната цел е да се обидат да го повратат датумот и достоинствено да го одбележат настанот како и секоја година.

,,Мислам дека сите најмногу се чувствуваме разочарано, затоа што сите знаеме кој беше Тоше и што тој правеше за сите нас и за својата земја и мислиме дека заслужува многу повеќе почит. Ние сме фанови, од ова немаме профит и го правиме исклучиво во негова чест, за да покажеме дека тој сеуште живее во нас и не инспирира”, вели за Радио МОФ Мартина Јаневска од Фан Клубот ,,Тоше Проески”.

Од Град Скопје велат дека се зачудени од ваквата реакција на фановите и додаваат дека предметното барање не е сеуште затворено.

Фановите лути: Концертот за Тоше неизвесен, скопскиот градоначалник сече ленти„Град Скопје ја известува јавноста дека веднаш при приемот на барањето, во јуни месец оваа година, преставниците на фондацијата биле известени дека постои технички проблем со преклопувањето на терминот со градската манифестација Бела Ноќ. Од тој момент перманентно течат активностите околу изнаоѓање на решение за проблемот и затоа не е донесено никакво решение од административните органи“, велат од Градот за Радио МОФ.

Денеска пак скопскиот градоначалник сечеше лената во населбата Ново Лисиче. Таму свечено беше пуштена во употреба реконструираната пешачка патека попозната како детската улица , која случајно или не, го носи името токму на македонскиот пејач  „Тоше Проески“.

Настанот ,,Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше” за првпат се организираше во 2009 година, кога беше прикажан последниот концерт на Тоше од 2007 година.  Со годините концептот се менуваше, но сепак главната цел останува иста-продолжување на делото на Тоше и прославување на неговата музика.

Фановите лути: Концертот за Тоше неизвесен, скопскиот градоначалник сече ленти

На истиот ден фановите традиционално ја организираат и крводарителска акција под името „Јас штотуку спасив живот, а вие?”, која постојано го крши рекордот на град Скопје за посетеност на крводарителски акции.