Фајнанс Тинк: Третина од македонските граѓани се сметаат за сиромашни и мнозинството од нив ја обвинуваат владата за тоа

33,5% од македонските граѓани се сметаат за сиромашни, додека само 2,5% за богати, покажуваат резултатите од интернет анкетата на Фајнанс Тинк, спроведена на 1.062 испитаници во периодот на јануари и февруари годинава.

Според анкетата, сиромашните, во најголем дел (69%), за својата економска состојба вината ја наоѓаат во владата, додека само 15% се обвинуваат самите себе. Ситуацијата е сосема поинаква кај оние кои се изјасниле за богати. 81% од нив смета дека лично тие, или друг член од семејството, се заслужни за нивното богатство, додека никој заслугата за своето богатство не ја припишал на владата.

Како „средна класа“ се декларирале 64% од испитаниците, во која, според анкетата, спаѓаат оние со примања меѓу 20 и 50 илјади денари. Само 3% од испитаниците одговориле дека во средна класа спаѓаат и оние кои заработуваат до 20.000 денари.

37% од испитаниците сметаат дека средната класа најчесто се карактеризира преку пристојна работа и плата, 12,5% како можност за добар одмор, додека најголем дел од анкетираните (43%), сметаат дека во средната класа влегуваат оние кои, покрај претходните два услови, поседуваат дополнително и добар автомобил и барем уште еден стан или куќа покрај оној кој се користи за живеење.

Фајнанс Тинк резултатите од испитувањето ги прикажа низ инфографик, со напомена дека поради начинот на анкетирање, постои можност селективност.