ЕВС: Вадењето македонска виза за европски волонтери трае со месеци

Претставници на младински организации и на ресорните институции побараа решенија за скратување на процесот на издавање виза за привремен престој за волонтерите на Европскиот волонтерски сервис (ЕВС).

Организациите кои работат со ЕВС програмата укажуваат дека се соочуваат со проблеми при вадењето Д визи за европските волонтери која е неопходна за тие да волонтираат во Македонија.

Од Коалиција на младински организации СЕГА појаснуваат дека дури 46 проценти од акредитираните младински организации кои во изминатиот период биле домаќин на европски волонтери во рамките на Еразмус+ програмата чекале повеќе од четири месеци за издавање виза за привремен престој за своите волонтери, а 54 отсто од нив чекале повеќе од два месеца.

Здруженијата се загрижени затоа што одолговлекувањето на процесот на издавање визи за странски државјани преку ЕУ-програмата Еразмус+ доведува до откажување волонтери од проектите, губење средства, но и штета на угледот на Македонија.