„Епохата на естетскиот плурализам“ – трибина посветена на Милан Ѓурчинов

По повод 90-годишнината од раѓањето на академик Милан Ѓурчинов, Друштвото на писателите на Македонија организира трибина под наслов „Епохата на естетскиот плурализам – дебата за критиката“, во која ќе учествуваат акад. Влада Урошевиќ, акад. Али Алиу, д-р Елизабета Шелева, д-р Лидија Капушевска Дракулевска и д-р Димитрија Ристевски.

На трибината, што ќе се одржи непосредно по одбележувањето на 71- годишнина од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, 13 февруари, претседателот на македонската писателска асоцијација Веле Смилевски на Милан Ѓурчинов ќе му предаде Повелба на ДПМ по повод неговото 60-годишно членување во оваа асоцијација.

Како есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар и антологичар, Милан Ѓурчинов остави силен печат во сите позначајни фази од развојот на македонската литература, во времето на книжевната конфронтација, одбраната на модернистичките тенденции и промовирањето на книжевниот плурализам, до најновите литературни процеси од 21 век.

Неговите Избрани дела објавени се во 10 тома.

Милан Ѓурчинов својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Беше шеф на катедрата за славистика и покренувач и раководител на катедрата за компаративна книжевност.