ENGAGE: Секој од нас треба да се бори за демократијата за да имаме поинакво општество

Шестата конференција за друштвен активизам ENGAGE донесе дискусија за демократија, политика, активизам и моќта на граѓанинот.

„Бидете ангажирани – бидете промената. Можеби е клише, но навистина е така. Доколку секој од нас се бореше за демократија ќе имавме многу поинакво општество“, рече Биргита Јонсдотир од Пиратската партија на Исланд на шестото издание на ENGAGE, конференцијата за друштвен активизам, организирана од Младинскиот образовен форум (МОФ) и Радио МОФ, на која главните теми беа револуцијата во политиката, демократијата и активизмот.

Биргита Јонсдотир

Девет домашни и странски говорници, на сцената во Кино Култура, зборуваа за граѓанската ангажираност, активизмот на јавните и онлајн просторите, слободата на говор и ЛГБТИ правата, борбата против популизмот, за културата, технологијата и животната средина.

Јонсдотир говореше за револуцијата во политиката, новинарката Ирина Гордиенко го пренесе своето истражување за прогонот на ЛГБТИ лицата во Чеченија, основачот на Лајбах, Иван Новак, го раскажа своето искуство во Северна Кореја, додека Ана Биалас објасни како најголемата платформа за петиции change.org го менува светот.

Никола Писарев говореше за урбаната уметност како форма на критика и активизам, професорката Беса Арифи за жените во политиката, а коосновачот на романското критичко движење Иницијатива Романија, Михаи Политенау, го пренесе своето искуство од спротивставувањето на популизмот и корупцијата. „Корупцијата не е само крадење на јавните пари, не е само губење на услуги, понекогаш е и убивање на луѓе“, рече Политеану посочувајќи ја улогата на романските граѓани во битката против корупмираните елити.

Тимот од Фчерашни новости зборуваа дека понекогаш вистинските вести се исти со сатиричното сценарио кое го подготвуваат, додека Астални проекции на публиката и пренесоа дел од својата ангажирана поезија.

Астални проекции

Преку конференцијата ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн така и во физичкиот простор. Преку информативни презентации, отворен простор за прашања, одговори и дискусии и претставување на успесите на општествено ангажираните каузи конференцијата создава уникатен простор за инспирација и соработка.

Беса Арифи

Овогодинешното издание беше организирано со поддршка од National Endowment for Democracy, додека спонзори на настанот беа Кома – Дизајн & Принт, Nescafe и Добра вода. Во претходните пет години над 1500 граѓани биле ден од оваа годишна конференција за друштвен активизам.

Фото: Ванчо Џамбаски