„Емоџи Филмот“ ја доби Златната малина за најлош филм

„Емоџи Филмот“ е прогласен за најлошиот филм за минатата година на 38-то издание на Златните малини, пародичните награди за најлошите филмски остварувања во Холивуд, кои традиционално се доделуваат пред Оскарите.

Филмот победи во конкуренција со „Мумија“, „Чувари на плажата“, „Трансформери – Последниот витез“ и „50 нијанси потемно“. Ова е прв пат во историјата Златните малини, главната награда да ја освои анимиран филм.

Том Круз ја освои златната малина за најлоша машка улога за филмот „Мумија“, а иако маж, Тајлер Пери победи во категоријата на најлоша женска улога, за неговата улога на маскирана жена во комичниот хорор „Бу 2: Ноќта на вештерките на Мадеа“. Ким Бесинџер беше прогласена за најлоша актерка во споредна улога за филмот „50 нијанси потемно“, додека Мел Гибсон доби златна малина за најлоша машка споредна улога за филмот „Тато е дома 2“.

Добитниците добиваат златно обоени мали статуетки кои чинат околу пет долари. За наградите се гласа преку интернет од околу илјада членови на Златната малина, од 24 земји од светот, кои плаќаат 40 долари за регистрација.