ЕЛЕМ го поништи тендерот за изградба на „Рајска градина“ во Аеродром

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) го поништи тендерот за проектот „Рајска градина“, кој требаше да се гради на површина од 15 хектари во Аеродром, а да чини 900 милиони денари (14,6 милиони евра).

Образложението е дека „понудите не можат да се споредат, поради различниот пристап на финансискиот и техничкиот дел“. Тоа е се’.

Во соопштението на ЕЛЕМ не е наведено дали и кога повторно би бил објавен нов тендер за реализација на проектот, на кој се потпишани авторите Филип Богатинов, Македонка Чаушевска и Жарко Чаушевски. Последниот автор поради бројните ангажмани во проектот „Скопје 2014“ веќе од дел од јавноста доби „титула“ на „владин архитект“.

Инаку, издигнување на содржина која би била придружена и со  срни, фазани, мајмуни… како замисла беше обелоденета на отворена владина седница од поранешниот премиер Никола Груевски кон крајот на 2012 година.

Како што објави build.mk, тендерот за изградба на скапиот проект „Рајска градина“ беше оригинално објавен во мај. Со него се предвидуваше изградба на четири фонтани високи и до 13 метри, реплика на Венера Милоска, антички ликови, лавови и грифони, кои ќе го следат стилот на неокласицизмот. На просторот крај Вардар, веднаш до седиштето на ФФМ, треба да никнат бројни статуи и скулптури, павилјон и останати содржини замислени со изготвениот проект на „Архитектоника“ од Скопје.