Егзистенција или идеологија – зошто младите влегуваат во партија?

Влегувањето во партија поради идеологија станува мит. Подмладоците на политичките партии сметаат дека вработувањето и поволностите за себе и најблиските, се најчесто поводот за младите да се зачленат во некоја од партиите.

Дино Блажески, од Унијата на млади сили на ВМРО Народна Партија, вели дека партијата е многу повеќе од лепење плакати и варење кафе. За него, тоа е алатката за постигнување на промените кои младите ги бараат.

„Многу млади погрешно ја гледаат суштината на делувањето на политичките партии, па влегуваат во неа од егзистенционален причина, мислејќи дека ако влезат во партија дека сигурно ќе бидат вработени на некое државно место“, рече тој.

Стефан Богоев, пак, од младината на Социјалдемократскиот сојуз вели дека тој во партија се вклучил за да ги искористи своите способности и да го направи општеството подобро, особено за младите. Според него, младите треба да бидат директно вклучени во локалната и извршната власт, но само со заслуга.

„Сметам дека на сите листи треба да има млади луѓе, и во локалните совети и во извршната власт, врз база на некое образование, знаење и квалитет на кадар, а не само како некој што бил доволно исполнителен во своите партиски обврски, па сега како резултат на тоа да е награден“, изјави тој.

Слично размислува и Стефан Миноски од младината на Либералната демократска партија, иако според него, се намалува бројот на млади кои влегуваат во партија, а се зголемува на тие што се вклучуваат во невладини организации.

„Не гледаат дека тие треба да го сменат општеството и да го направат подобро за живот. Ако ние младите не се бориме за тоа, постарите малце потешко би се бореле за тоа“, вели Миноски.

„Јас кога се зачленив во партија, времињата многу се поместија, бидејќи самата популација не беше толку политизирана. Се гледаше дали можеш да придонесеш, да го направиш општеството подобро за живот. Од тогаш до сега, за овие 10 години, многу се има променето, на полошо“, додава тој.

Одбивноста кон влегувањето во партија ја создаваат владејачките партии, посочија речиси сите со кои разговаравме.

Владимир Нелоски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, не се одзва на нашите повици, но според Куштрим Ала, од подмладокот на ДУИ, актуелната политичка состојба не треба да биде пречка за младите да се реализираат во некоја од постоечките партиски платформи.

„Јас не гледам нешто негативно еден млад човек да се ориентира политички или да покаже симпатија кон некоја политичка партија. Би прифатил дека навистина е така, се доби таков впечаток дека за да бидеш дел од политичка партија не е добро поради актуелната политичка состојба, но сметам дека токму младите се тие што можат да ја подобрат ситуацијата“, ни одговори тој.

Кога веруваш во некоја опција, или идеал, треба да се биде дел од нејзиното остварување, смета Фарук Раими, од подмладокот на Беса.

Според него, успешните и талентирани студенти заслужуваат шанса, наместо да го губат својот капацитет тапкајќи во место и невработени.

„Работите треба да се земат во свои раце, не само да се жалиме, нема работа, нема ова, нема она, се е катастрофа, туку да направиме за политичкиот систем и за државата воопшто“, подвлече Раими.

Сепак, младите претставници на партиите ретко се присутни во јавноста, освен во предизборни периоди. Тие ги наведуваат медиумите како една од причините зошто е тоа така.

„Активни сме преку целата година, токму неотворањето на медиумите кон политичките подмладоци доведува до тоа да луѓето мислат дека тие се активни само за време на избори. Не е точно, преку цела година тие функционираат, преку цела година се вадат нови идеи, решенија, се потпишуваат декларации“, забележа Блажески.

Какви лидери, такви подмладоци – дуел изостанува и кај партиската младина

Како што за сениорите на партиите се вели дека „бегаат од дуел“, така и за подмладоците. Речиси е невозможно да се соберат на иста маса, иако сите би сакале да се соочат и да дебатираат меѓусебно.

„Тоа би било особено добро да се направи за ние како млади да можеме да размениме искуства, знаење, но зошто да не и да оформиме некоја заедничка стратегија за да ја однесеме државата понапред, односно да овозможиме поповолна позиција за нас младите во самиот политички блок“, рече Ала од подмладокот на ДУИ.

Миновски и Богоев, пак, директно ги посочија лидерите на владејачките партии како пречка за младите слободно да се појавуваат и јавно да зборуваат за идеите на нивната партија.

„Знаат сите многу добро, ако има телевизиско соочување, дебата, дуел, помеѓу претседател на најголемата опозициска младина, и на владејачка партија, тоа е вовед во телевизиско соочување на лидерите“, изјави Богоев.

„Бидејќи самите синиори на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да излезат на дебата, со ниту една политичка партија, блокираати младите, а дебатата не е дебата, ако не се спротивстават мислењата“, рече Миноски.

Но, според Мариглен Демири од Левица, за ова не се виновни само партиските лидери, тука повторно, виновни се медиумите, како и граѓаните.

„Сметам дека и ние членовите на политичките партии треба да потегнеме иницијатива, но и медиумите да направат чекор плус и да бидат потранспарентни и да нема дискриминација на поголеми и помали политички партии. Навистина да се создаде еден полигон на студирање на самите идеи, а не само идејни монолози по телевизиите“, рече тој.

Жените, најслаба алка во партиите

Дополнителен проблем е и слабата застапеност на девојките во партијата, особено на нејзини челни позиции. Иако партиите велат дека се трудат жените да бидат подеднакво застапени, тие ретко може да се видат како држат говор или прес-конференција.

„Жената се дискриминирани затоа што Република Македонија е патријахално уреденa. Длабоко е навлезена патријахалната содржина и во таа состојба жените се уште немаат простор да бидат на врвот на политичките партии“, смета Демири.

Тој вели дека жените треба да бидат активно вклучени во сите општествени слоеви, без дискриминација.

Во меѓувреме часовникот отчукува, младите кои сè уште не се пронашле во идеологијата на некоја од постоечките партии, а имаат право на глас, ќе можат да го искористат своето влијание на 11 декември.

Е.П.

*Темата првично е објавена во емисијата „Мегафон“ на РадиоМОФ