Едукативни работилници за змии и пештери овој викенд во ЗОО градина во Скопје

Во Мултинаменскиот едукативен центар на ЈУ Зоолошка градина Скопје викендов ќе се одржат бесплатни едукативни работилници на тема „Змиите, нашите тивки соседи“ и „Во светот на пештерите“.

Во сабота ќе се одржи едукативната сесија „Змиите, нашите тивки соседи“ по повод „Бела ноќ“, на која ќе бидат опфатени темите: змиите наши соседи (колку видови на змии имаме во непосредна близина на Скопје), како најмладите гледаат на змиите, кога змиите се најстрашни или кога најмногу се плашат луѓето од змиите и дали постои град на змиите и каде е?

Целата сесија, како што велат организаторите, ќе биде адаптирана пред се за младите посетители (од 8 до 14 години), а ќе содржи и информации кои можат да бидат корисни и на возрасните.

Преку мултимедијална презентација (видео и аудио) во траење на еден час посетителите ќе можат да добијат забавно едукативна програма за овие животни.

Во недела пак, во организација на Истражувачко друштво Урсус Спелеос Скопје и Македонско Еколошко Друштво во Едукативниот центар на ЗОО градина ќе се одржи интерактивна едукативна работилница на тема „Во светот на пештерите“, на која посетителите ќе дознаат повеќе за пештерите во Македонија, лилјаците, мечките, рисовите и општо за спелеологијата. Работилницата е адаптирана за деца од 5-то до 9-то одделение.