„Еднаш свет изградив“ – младинска претстава инспирирана од „Сидарта“

Во среда (21 март), премиерно ќе биде прикажана претставата „Еднаш свет изградив“ по текст и режија на Јане Спасиќ на сцената на Театарот за деца и младинци

Режисерот Спасиќ е автор и на текстот кој е инспириран од „Сидарта“ на Херман Хесе. Со оваа премиера, која е подготвена за средношколци од 15-16 години, театарот сака да ја заживее младинската сцена зашто сега на репертоарот нема претстава наменета за тинејџери. Последната премиера беше „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ пред речиси три години.

Преку семејна приказна за татко и син кои се среќаваат после долги години, авторот на претставата Јане Спасиќ се обидува да согледа неколку поважни животни фази и да ги разгледа последиците на индивидуалните одлуки. Преку нивниот однос и приказните на таткото се поставуваат повеќе прашања за значењето и последиците од изборите во животот. Дали децата може да избегаат од изборите на своите родители и дали може да направат свои самостојни избори или тие секогаш ќе носат сенка од изборите на своите родители, дали постојат универзални вредности или сите се индивидуални? Дали на животот може да му се даде подолготрајна смисла или секоја животна фаза има свое значење? Дали некое од овие прашања има дефинитивен одговор или засекогаш остануваат отворени?

Претставата е работена низ заеднички, експериментален процес заедно со актерите од Театарот за деца и младинци – Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и младиот гостин Михаел Стојановски кој има само девет години.

Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите ги дизајнираше Бранкица Јордановска, композитор на музиката е Дарија Андовска, а дизајнот на светлото е на Звездан Миљковиќ.

Театарот за деца и младинци планира да го продолжи континуитетот на младинската сцена и средите од 20 часот да бидат резервирани за претстави за тинејџери и адолесценти. На репертоарот ќе бидат вратени претходните три младински премиери – најпрво „Нашиот клас’, а веројатно од следната сезона и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“, како и Орвеловата „Животинска фарма“ која играше многу кратко на оваа сцена.