Единствена копија од албум на Wu Tang Clan продаденa на аукција за милионска сума

Мистериозниот уникатен двоен албум на Wu Tang Clan, Once Upon a Time in Shaolin е продаден за најмалку пет милиони долари.

Постои само една копија од овој албум на познатата хип хоп група. Купувачот на албумот е обврзан да не ја споделува музиката која се наоѓа на него со јавноста во наредните 88 години.

Албумот е продаден онлајн од аукциската куќа Paddle8, а купувачот е анонимен. Сепак, Forbes потврди дека станува збор за колекционер од САД и дека продажбата била договорена уште во мај.

Членот на Wu Tang, RZA, претходно ја објасни идејата за овој проект.

„Кога купувате слика или скулптура, го купувате парчето, а не правото да го размножувате. Ако имате слика од Пикасо не значи дека треба да продавате принтови и преработки, туку дека сте единствениот сопственик на уникатен оригинал. Токму тоа е и Once Upon a Time in Shaolin. Уникатен е, а не копија од албум“.

RZA претходно открил дека групата веќе добила понуда од 5 милиони долари за албумот, кој трае 128 минути и на него има 31 песна.

Извор: NME